Биљана Ивановска, психолог

Биљана Ивановска, психолог

Претседател на Здружението за умствен развој на деца „Бреин Гинис“ во Куманово
Тел: 071 711 555

Повеќе од авторот

Колку повеќе го претставувате домашното како ваша работа, толку помалку детето ќе го гледа како своја

Дали ви се случува секојдневно да водите борба со детето околу домашните задачи кои се дел од училишните обврски, особено сега кога училишната година е при крај? Сигурно многупати се прашувате како да ги натерате децата без опоменување да ја сработат домашната. Најпрво треба да се потрудите да го сфатите детето, себеси и ситуацијата… Колку повеќе го претставувате домашното како ваша работа, толку помалку детето ќе го гледа како своја. Децата што мислат дека домашното им е поважно на родителите никогаш нема да преземат одговорност.

Како да постапите?

Ако присилувањето на децата да ја сработат домашната е ефикасен метод, нема да имаме толку обесхрабрени деца. Напоменувам дека во такви случаи и родителите се обесхрабрени бидејќи не го постигнуваат она што го очекуваат од своите деца.

Во продолжение ќе ви посочам неколку конкретни предлози како да постапите доколку детето не сака да ја сработи или ја одолжува домашната.

1. Многу нешта што сакате да ги направите, ако сакате да бидат ефикасни, ќе мора да ги испланирате однапред.
2. Ако наставникот ве повика на училиште, прашајте го детето дали има некаков проблем и ако има, како мисли да го надмине.
3. Побарајте од наставникот да организира средба за сите вас (наставник, родител и дете).
4. Кога детето не ги исполнува домашните задачи, можете да му укажете љубов, но НЕ да го спасувате од ситуацијата. Тоа мора да ги почувствува последиците што настанале како негов сопствен избор.
5. Не држете му предавања и не казнувајте го.
6. Бидете емотивно искрени и кажете му на детето што мислите, чувствувате и посакувате, но без да барате од него да мисли исто како вас. Посочете му колку е важно образованието.

Не споредувајте го со други деца

Најдобро би било да воспоставите рутина, односно да определите што ќе се прави во текот на денот. Одреден период што ќе го одредите ќе биде наменет за некакво учење за сите во семејството. Во тој период и вие ќе земете нешто да читате, а телевизорот и компјутерот ќе бидат исклучени. Телефоните да не им се на дофат на децата. Неколку дена набљудувајте како се однесува детето, па доколку и понатаму не се придржува на договорот, дозволете му заедно да го одредите терминот за домашно и учење. Одредете, на пример, два дена во неделата точен час и придржувајте се исклучиво во тој период детето да има зелено светло и да бара помош од вас. Во никој случај немојте да го споредувате со други деца. Наместо мотивација, споредувањето води кон обесхрабрување!

Не е глупаво, туку е незаинтересирано

Децата можат да научат да мислат сами за себе и да преземат одговорност за последиците од своите избори, во овој случај непишувањето домашни задачи, вклучувајќи и учење. Најчесто очекуваат безрезервна поддршка од своите родители. Децата може да откријат дека грешките што ги прават се одлична можност да научат како да ги решаваат проблемите и да се снаоѓаат во разни животни ситуации. Верувајте им на своите деца, без да ги посрамотите, казните и понижите поради незавршени училишни обврски. Секогаш имајте на ум дека вашето дете не е глупаво, туку е само незаинтересирано, обесхрабрено и безнадежно. Истото тоа дете веројатно не треба да го потсетите да ги прави работите што ги сака!

Бидете позитивни родители применувајќи позитивна дисциплина за која нема определен период од детскиот раст и развој. Позитивната дисциплина се темели на меѓусебно почитување, што подразбира да го почитувате своето дете, а тоа да ве почитува вас!



912

X