Д-р Зафар Шамун, шеф на одделот за итни случаи во болницата „Бомонт Дирборн“, открил за „Детроит Фри прес“ со кои пет повреди најчесто се здобиваат децата во текот на летните месеци и како да ги третираат.

Повреди на главата (лесни до тешки)

– Носењето кацига е многу важно, без разлика дали детето вози велосипед, скејтборд или ролери. Треба да се повика брза помош ако детето е збунето по падот, има мачнина или повраќа, ако е летаргично или поспано или се жали на главоболки кои не поминуваат – вели д-р Шамун.

Топлинска исцрпеност

Д-р Шамун вели дека ова е честа појава во текот на јуни и јули, и не мора да се случува на високи температури, туку во секое време. Децата сакаат да играат, а не да се одмораат. „Останете под сенка, бидете хидрирани, носете крем за сончање со заштитен фактор 30 или повисоко и обновете го откако ќе излезете од базен, езеро или море. Побарајте лекарска помош ако вашето дете има гадење или грчеви, повраќа, летаргично е или има температура повисока од нормалната – предупредува тој.

Гребеници, исип и рани

Овие работи тешко се спречуваат, но нивното лекување е многу едноставно. Д-р Шамун забележува дека раните треба да ги чистите со вода, а треба да избегнувате алкохол и водород пероксид бидејќи тоа може да го одложи заздравувањето. „Нанесете тенок слој антибиотска маст на раната за да го промовирате заздравувањето и да помогнете при болка“, советува.

Повреди на зглобот

Детските коски се помеки отколку на возрасните бидејќи растат. „Штитниците можат да помогнат да се спречат ваквите повреди“, вели Шамун. Детето треба да се однесе на лекар ако забележите оток или црвенило на зглобот или ако детето се жали на неподнослива болка.

Изгореници

Кога поминуваме повеќе време на сонце, изгорениците се вообичаени. Лекарот советува да ги едуцирате децата да се држат настрана од скари или шпорети и да не ги допираат. Благата изгореница исчистете ја со благ сапун и вода и покријте ја со слој вазелин и стерилна газа. Плускавци и големи изгореници може да бидат знак дека ви треба лекарска помош.

Што се однесува до другите повреди, д-р Шамун вели:

– Погрижете се децата да скокаат на трамбулини кои имаат заштитна мрежа, како и да го ограничите бројот на деца што скокаат на неа одеднаш. Ако детето не е пливач, мора да носи заштитна опрема. Без разлика дали вашето дете е пливач или не, секогаш внимавајте на него и обезбедете паузи за да не се исцрпи. Погрижете се да биде хидрирано и да е намачкано со крем за сончање.

Извор



912

X