Не, работодавците не ги проверуваат оценките од основното училиште. Но, тие оценки имаат своја тежина. Според авторите на книгата „Преминувајќи ја линијата на целта“, успехот на училиште во голема мера зависи од силата на карактерот. „Љубопитноста и упорноста се темел за подобри оценки“, вели Метју М. Чингос, еден од авторите на книгата.

Кога градските власти во Дауни, Калифорнија, во училишните предмети вовеле и психолошки методи за поттикнување на децата согласно нивниот карактер, оценките од сите други предмети по извесно време се подобриле во просек за 5 проценти.

„Преку истражувањата дојдовме до заклучок дека карактерот на детето има пресудна важност за успехот во училиште“, тврди Џејмс Џ. Хекман, истражувач на економијата на човековиот развој на Универзитетот во Чикаго. Затоа, колку повеќе предизвици им поставувате на децата дома, толку подобри ќе бидат нивните оценки. Дали сте подготвени да ги поставите вашите деца пред вистински предизвици?

„Карактерот има најголема важност за успехот на училиште“

1. Понудете им 500 денари да научат да жонглираат и ќе развијат – ПОСВЕТЕНОСТ

Посветеноста се гради постепено. „Децата нема веднаш да научат да жонглираат, што и не е многу тешко ако се посветат на тоа“, вели Ентони Т. Дебенедет, коавтор на книгата „Уметноста на грубоста“.

* Дополнителен бенефит: оксфордските научници откриле зголемување од 5 % на белите клетки − мозочно ткиво кое е активно при учењето − кај испитаниците што шест недели тренирале жонглирање.

2. Пратете ги да се качат на дрво и ќе развијат – КОНТРОЛА НА ЕМОЦИИ

Верувале или не, качувањето на дрво бара смирени нерви. „Децата не можат да се качуваат ако се емотивно раздразливи“, вели д-р Дебенедет.

* Дополнителен бенефит: Качувањето по дрвја ги поттикнува децата да се соочат со сопствените стравови. Дополнителна корист е фактот што играњето на отворено кај децата поттикнува способност за решавање проблеми и креативно размислување.

3. Научете ги да играат шах и ќе развијат – УПОРНОСТ

Многупати ќе ја изгубите партијата пред првпат да викнете: „Шах-мат!“. „Шахот ги учи децата дека многу работи можат да се научат од поразот“, вели Пол Таф, автор на книгата „How Children Succeed“.

* Дополнителен бенефит: играњето шах може поефикасно да развие моќ на концентрација кај децата отколку телесната активност, е заклучок на едно шпанско истражување. Освен тоа, шахистите се склони кон учење.

4. Пофалете им го трудот, а не успехот и ќе развијат – САМОДОВЕРБА

Ако им го пофалите трудот, детето ќе сфати дека и трудот има вредност – што подоцна ќе се одрази и врз работната етика.

* Дополнителен бенефит: „Кажете му нешто на детето додека учи за да види дека го забележувате неговиот труд“, препорачува Керол Двек, професорка по психологија на „Стенфорд“. Потоа кога детето ќе ја донесе книшката со добри оценки, прокоментирајте со зборовите: „Гледам дека твојот труд се исплатил“.

5. Чесно нека заработат џепарлак и ќе развијат – ТРПЕНИЕ

Вашето дете мора да сфати дека облеката и играчките не се бесплатни. Дали сака нов „плејстејшн“? Нека заработи половина од потребните пари косејќи трева или помагајќи во домашните работи.

* Дополнителен бенефит: серија истражувања покажале дека децата што подолго можат да го одложат задоволството воедно имаат и подобри оценки на училиште. Тие деца подоцна покажуваат и поголема сила на волјата.

 



912

X