Иако да се стане мајка е најубавото искуство во животот, грижата за новороденче може да биде исцрпувачка, а исто така постои и постојана грижа дека мајките не прават нешто како што треба. Сакајќи да им ги олесни грижите на новите мајки, мајката Кетрин Чен споделила пет работи за кои би сакала да не се грижела толку многу кога првпат станала мајка.
Не мора да чувствувате љубов на прв поглед со бебето
Во секој филм или серија, кога на нова мајка ѝ се прикажува новороденчето, тој момент е магичен, таа веднаш го зема в раце и чувствува љубов на прв поглед.
Но, не секогаш е така, вели Кетрин.
-Бев на породување речиси 36 часа пред да ме испратат на итен царски рез. Бев изморена, преплавена со емоции и емотивно исцрпена. Таа немаше буцкасто лице, имаше остри нокти и тенки прсти кои се виткаа околу моите гради, изгледаше како мал вонземјанин.
Кетрин истакнува дека ѝ било потребно време да научи како правилно да го држи бебето и дека на почетокот се плашела да не го повреди.
-Не сакав да го притискам премногу силно, но не сакав ниту да го држам премногу лабаво, да не ми падне.
Оваа мајка искрено признава дека имало моменти кога мислела дека не требало да стане мајка, се прашувала каде е нејзиниот мајчински инстинкт и се чувствувала разочарана поради тоа што пропуштила некои магични моменти.
-Ми требаа недели за да се почувствувам удобно во држењето на своето бебе и месеци за да развијам врска. Но сега не можам да замислам да ја немам во мојот живот. Секој ден кога ја земам од училиште, чувствувам неверојатна количина на љубов.
Доењето може да не функционира
За Кетрин, доењето на нејзиното прво дете било тобоган од емоции, како и за многу други мајки. Таа истакнала дека кога станува збор за доењето, постојано се трудела да го прави она што генерално се сметало за најдобро, наместо она што е најдобро за неа.
-Ги знаев здравствените придобивки од доењето. Но, кога всушност морав да го сторам тоа, беше многу потешко отколку што очекував. Таа не можеше да се закачи, устата ѝ беше премногу мала, чувствував болка во градите што го опустошуваше моето тело секојпат кога доев. Млечните жлезди ми се затнаа и се разви маститис, воспаление на ткивото на дојката. Беше неверојатно тешко, но успеав да ја дојам шест месеци.
Сепак, таа вели дека целата ситуација не ја направила посилна, туку ја научила да си дава повеќе сочувство и добрина и да го стави своето ментално здравје на прво место и да одлучи што е најдобро за неа и нејзиното дете.
-Доењето може или да функционира или не. Ако не, тоа е во ред. Важно е само вашето бебе да е здраво и сито. Нема ништо лошо во тоа да го храните со формула – вели оваа мајка.
Посетителите можат да почекаат
Кетрин вели дека ги сместила сите што сакале да го видат бебето и не одвратила ниту еден од гостите.
-Кога се вративме дома, глумев домаќинка и се обидував да ги сместам сите наши гости. Кога заминуваа, јас и мојот сопруг наизменично го чистевме станот и го држевме бебето. Едвај имавме момент за себе. Иако многу ги ценев подароците, храната, социјалната интеракција, навистина ми требаше одмор и време да закрепнам од породувањето – искрена е оваа мајка.

Таа нѐ потсетува дека на новите родители им треба време да се приспособат на новиот живот, но не сакајќи никого да разочара, ги пречекала гостите иако во тој момент не сакала никого да види.
-Наместо да се грижам за тоа што сакаат сите други, требаше да се фокусирам на сопствената ментална, емоционална и физичка благосостојба. Кога јас и мојот сопруг го добивме нашето второ дете, немавме гости во првите две недели, освен мојата мајка и сестра, и тоа направи голема разлика во моето закрепнување.
Не мора да бидете со вашето бебе 24/7
Кетрин признава дека во првите недели постојано ја гледала својата ќерка.
-Очите ми беа залепени за неа, гледајќи ја како дише додека спие. Сакав да бидам блиску во случај нешто да се случи. Не сакав да пропуштам ниту една минута. Се плашев дека ако се оддалечам од неа, таа ќе се чувствува напуштено.
Кетрин истакнува дека поради сето тоа, не можела да се грижи за себе и дека дури и кога требало да оди во тоалет, трпела додека не дојдел некој.
-Моите потреби беа на дното на мојата листа со приоритети сè додека медицинската сестра не рече: „Таа спие, совршено е безбедна, ќе биде добро. Таа нема да оди никаде, не мора постојано да ја гледате. Немојте да заборавите да си дадете малку простор за оддишка.“ Тогаш почнав да ја оставам некое време за да земам чаша вода, да изедам нешто, да се пресоблечам или да вежбам.
Прифатете го вашето ново тело
На социјалните мрежи славните личности и различните инфлуенсери ги покажуваат своите совршени тела по породувањето, но ова, вели Кетрин, е искривена реалност.
-Кога ќе родите бебе, вашето тело нема веднаш да изгледа како пред бременоста. Иако бебето и плацентата повеќе не беа во мојот стомак, сепак изгледав како да сум бремена. Имав многу течност во телото, а на мојата матка ѝ требаше време да се врати во првобитната големина, па кога првпат се погледнав во огледало неколку недели по породувањето, бев ужасно разочарана и вознемирена – мојата кожа беше опуштена, гледав стрии, лузни. Ми требаше време да се навикнам на моето ново тело, но многу го сакав поради тоа низ што помина и што можеше да го создаде. Моето тело создаде цело човечко суштество со очи, уши, нос и душа.
912