Приказните за добра ноќ на тато, забавните игри и домашните работи можат да влијаат врз здравјето и благосостојбата на децата на многу начини, покажа новото истражување.
Иако знаеме колку татковците се важни во животот на нивните деца, новото истражување откри неколку интересни работи кои нѐ тераат да ги цениме уште повеќе.
Влијание врз кариерата на детето
Истражувањата покажаа дека татковците што се занимаваат со домашни работи одгледуваат ќерки кои се амбициозни и сакаат кариера надвор од стереотипните „женски професии“. Најсилниот индикатор за целите во кариерата на децата и ставовите кон традиционалните родови улоги бил дали татковците извршуваат домашни работи или не. Авторката на истражувањето, Алиса Крофт од Универзитетот во Британска Колумбија, тврди дека татковците преку нивното однесување ги учеле своите деца да размислуваат надвор од рамката на стереотипите.
– Важно е не само да се зборува за родовата еднаквост, туку и да се покаже, бидејќи вашите деца ве гледаат и учат од вас – вели Крофт.
Приказните за добра ноќ на таткото се одговорни за успехот на децата
Татковците се познати по нивните приказни за добра ноќ. Истражувањето објавено во „Журнал оф аплајд девелопментал сајколоџи“ покажало дека овие приказни можат да играат голема улога во воспитувањето успешни деца.
Во истражувачките експерименти, родителите на своите деца им раскажувале сликовници без зборови за научниците да ги анализираат изразите на секој родител. Тие откриле дека сите родители што раскажуваат приказни со повисоко ниво на изразување имаат деца со побогат речник и подобри резултати на тестот подготвен од истражувачите.
– Резултатите го истакнуваат уникатниот придонес на татковците за раните училишни достигнувања на децата – вели водечкиот автор Клер Бејкер, психолог од Универзитетот во Северна Каролина.
Гени: Повеќе личиме на тато отколку на мама
Истражувањето објавено во списанието „Нејчс џенетикс“ покажало дека децата се генетски послични на нивните татковци. Наследуваме ДНК (речиси) еднакво од секој родител, но всушност „користиме“ повеќе од гените на нашиот татко, посочува истражувањето.
Истражувачите мереле како се изразуваат гените. За секој ген, тимот потоа квантифицирал колку клеточни процеси се добиени од секој родител, а резултатите покажале дека изразените гени биле многу послични на татковците.

Играњето со таткото помага во стекнувањето подобри животни вештини
Погрубата и поактивна игра во голема мера им помага во нивното учење. Многу студии покажале дека возбудливата и активна игра со татковците им помага на децата да го проценат ризикот, да ги решат проблемите, да ги научат своите граници, да управуваат со возбудата и агресијата и да ги читаат емоционалните знаци на другите луѓе додека тие ги пренесуваат своите – сето тоа во безбедна средина, се разбира, каде што никој не е повреден.
– Станува збор за навистина фантастично сложена констелација на емоции и саморегулација за кои сега разбираме дека е клучен елемент за развојот на децата – вели Ричард Флечер, кој учествувал во истражувањето.
Исхраната на таткото влијае врз здравјето на детето
Познато е дека трудниците треба да внимаваат што јадат, но едно изненадувачко истражување открило и дека исхраната на таткото влијае врз идното здравје на децата. Веќе е познато дека фолатите штитат од спонтан абортус и недостатоци во исхраната на мајката.
– Нашето истражување покажува дека татковците треба да размислуваат што јадат и пијат – вели Сара Киминс од Универзитетот Мекгил, нагласувајќи дека родителите треба да запомнат дека тие се носители на идните генерации.