Мајчинството е најтешката работа и најголемиот предизвик што сум го имала. Мајките се грижат и ја преиспитуваат секоја работа. Веројатно е тешко чувството кога знаете дека детето целосно зависи од вас. Мајките чувствуваат вина бидејќи не се секогаш совршени, а животот некогаш може да биде тежок.

Чувствував вина за секакви ситници, на пример, зошто не им се јавувам почесто на родители или зошто лошо се однесувам кон сопругот. Но, откако станав мајка, почнав да се чувствувам виновна секој ден. Вината што ја доживував тогаш не се споредуваше со ниту едно чувство од порано. Мајчинството е тешко. Ти се менува телото, а и емоциите. Сега плачам на сè и сешто, дури и на ТВ-реклами. Тоа што сум мајка направи да дознам што значи вистинска безусловна љубов. Поради што мајките најмногу чувствуваат вина?

1. Доење

Ми беше многу тешко. Читав многу книги. Зборував со експерти. Доев само неколку месеци бидејќи беше премногу стресно за мене, полудував и чувствував анксиозност. Верувам дека доењето не доаѓа природно за секого. Па почнав да ги дојам децата со вештачка формула. И се чувствував виновно, но многу мајки го споделуваа истото чувство со мене. Имавме чувство дека сме ужасни мајки. Но не сме. Сите сме различни, а доењето е навистина тешко. Она што е најдобро за вашето дете е да има среќна мајка. А среќна мајка ужива во нејзиното бебе.

2. Заедничко спиење

Никогаш не ги оставам децата да плачат во нивните креветчиња. Едноставно не можам да го направам тоа. Наместо тоа, тие спијат во мојот кревет. Иако експертите за родителство велат дека нема ништо лошо во заедничкото спиење, јас чувствував вина. Дали не сум ги научила да спијат како што треба? Знам дека нема логика, но општеството ти вели дека децата треба да спијат во сопствена соба. Слушате приказни од родители за тоа како нивното бебе без проблем спие во својата соба. Тоа заедничко спиење ќе ви го расипе бракот и слични зборови. И се чувствувате виновни. Мајките се чувствуваат виновни секоја вечер.

3. Враќање на работа

Сметам дека ми беше најтешко кога го добив првото дете. Имаше само три месеци, а јас морав да се вратам на работа со полно работно време. Не можев да престанам да чувствувам вина бидејќи на детето му требав постојано. А потоа и семејството почнува да ти кажува дека ситуацијата е ужасна. Дека не било така во старите времиња. Најлошиот дел? Си ја сакате работата и убаво е да излезете од дома одвреме-навреме. Виновна, виновна, виновна.

4. Практичност

Никогаш не направив албуми со слики од бебињата, не зачував делови од облека или играчки. Не се ни сеќавам што беше првиот збор на син ми, или точниот датум кога ќерка ми ги направи првите чекори. Виновна. Не правам доволно и ќе зажалам еден ден кога децата ќе ме прашаат за тоа. Грижата за децата, средувањето на облеката, готвењето и помнењето на специјалните настани се повеќе од доволно за мене. Виновна.

5. Време за себе

Сакам еден ден да биде само за мене и да заборавам накратко дека сум мајка. Всушност, мојата фантазија е да одам на одмор. Во хотелска соба, сама, на неколку дена. Но, при помислата се чувствувам толку многу виновна, себична и неблагодарна. Имам прекрасно семејство. Треба да уживам секој ден, во секој момент, бидејќи растат толку брзо. Виновна.

Мајка сум на две деца, на возраст од три и осум години. Направив многу грешки и продолжувам да ги правам. Нема совршена мајка во светот. Но знам дека на крајот она што е најважно е љубовта. Сакајте ги децата и сè ќе биде во ред.

Автор: Урсула, блогерка мајка на две деца



912

X