Денес работите полека излегуваат од контрола кога станува збор за воспитувањето на децата, вели една искусна дадилка. Загрижена е во какви луѓе ќе израснат нашите деца, па затоа одлучила да ги истакне петте најсериозни проблеми на современото родителство.
Ема Џенер, британска дадилка и автор на книгата „Биди смирен родител“, веќе две децении работи со деца и родители дури на два континента и е сериозно загрижена за начинот на кој денес се одгледуваат децата. Еве пет проблеми што таа ги смета за најсериозни:
Се плашиме од сопствените деца
Децата имаат преголема контрола над своите родители, а еве ви едноставен пример со чаша, вели Ема:
Ако мајката му стави млеко на своето дете во сината чаша, а тоа ѝ рече дека сака да пие од друга чаша, забележувам дека таа веднаш реагира. Во повеќето случаи родителите веднаш брзаат да го затоплат млекото во чашата што ја бара детето бидејќи многу ќе се налути ако не биде по негово. Голема грешка! Од што се плашите, родители?
Не очекуваат многу
Кога децата се однесуваат лошо, без разлика дали се на јавно место или во својот дом, родителите ги наведнуваат своите раменици во стилот „па, такви се децата“.
Верувајте ми, тие не треба така да се однесуваат, вели Ема, додавајќи дека децата се способни многу повеќе отколку што мислат нивните родители, без разлика дали се работи за манири, почитување на постарите, домашната работа, великодушноста или самоконтрола. Мислите дека детето не може да седи кога вечерате во ресторан? Глупости.
Мислите дека не може да разбере ако му кажете НЕ? Друга глупост! Единствена причина поради која тие не се однесуваат правилно е затоа што не сте ги научиле на тоа! Едноставно е. Подигнете ги вашите стандарди, а вашето дете ќе се приспособи.
Не ги прифаќаме мислењата и советите од другите
Во минатото возачите на автобус, наставниците, продавачите и другите родители имаа „право“ да ги предупредат децата што се однесуваа лошо. Тие беа очите и ушите на родителите и сите работеа со иста цел: одгледување пристојни момчиња и девојчиња. Тие им беа поддршка на родителите. Денес, кога некој ќе се осмели да го предупреди детето, неговите родители полудуваат. Нивното дете е совршено, па често не го прифаќаат мислењето на другите родители.
Ги напаѓаат наставниците наместо да го казнат детето зашто било непристојно во текот на часот. Не помага и фактот што денес родителите меѓусебно се судат наместо да се поддржуваат. „Кога ќе видат како некое дете беснее, сите ги осудуваат родителите што го дисциплинираат, а би требало да кажат: „Еј, во право се, да му се постави граница на детето, тоа не е лесно“, објаснува Ема.
Се потпираме на електронските уреди
Прекрасно е што родителите имаат различни електронски уреди што им помагаат кога патуваат или кога одат на лекар, во ресторани. Денес родителите се сè повеќе ангажирани и секогаш сум за тоа да им се олеснува кога им е потребно, вели оваа искусна дадилка. Но, овие електронски уреди стануваат искушение за родителите и децата многу ги користат, па не знаат сами да се забавуваат.
Потребите на децата секогаш се на прво место
Добро е што децата им се приоритет на родителите. Но, денес тоа е отидено предалеку, предупредува Ема, бидејќи родителите ги игнорираат своите потреби и своето ментално здравје, сè само за да им угодат на своите деца. Јас постојано гледам мајки кои повторно и повторно стануваат од кревет само за да му угодат на своето дете, или татковци кои оставаат сè за да ѝ донесат пијалак за својата жедна ќерка.
Да се каже „не“ одвреме-навреме не е лошо, како и да се побара детето само да се забавува додека вие подготвувате ручек или имате некоја друга работа.
Се плашам дека ако не почнеме да ги поправаме грешките, нашите деца ќе пораснат во себични, нетрпеливи, безобразни возрасни луѓе. И тоа нема да биде нивна вина, туку наша.
Сакаме сè да им биде при рака, а кога неизбежно престанува да биде така, тие нема да бидат подготвени, предупредува Ема и ги поттикнува родителите: Очекувајте повеќе.
Ајде овие деца заедно да ги доведеме во ред и навреме да ги научиме и да ги подготвиме да бидат независни и успешни во реалниот свет, а не во оној што го создадовме за нив.