Не е лесно да се има надарено дете. Не е лесно да се подучува надарено дете. И не е лесно да се биде надарено дете. Иако ви се чини дека тоа што имате надарено дете може да биде големо олеснување, со оглед на тоа што детето едноставно и лесно ќе поминува низ образованието и низ сите други задачи, тоа не е баш така.
Често се мисли дека надарените деца ги решаваат сите задачи без тешкотии, дека треба први да завршат некоја задача, дека ништо не треба дополнително да им се објаснува и дека самите бараат повеќе и повеќе.
Заборавете на сето тоа. Едукацијата на надарените деца често е борба. Постојат одредени причини зошто надарените деца не секогаш успеваат. На својот блог „Без толкаво формулирање“ (Not So Formulaic), на оваа тема пишува мајка на три вакви деца.
Еве за кои причини станува збор и како да ги решите.
Причина: перфекционизам
Многу надарени деца се плашат од неуспех и овој страв ги оневозможува, па дури и го парализира нивниот мозок. Наместо да ја ризикуваат можноста погрешно да ја извршат задачата, некои деца целосно ја избегнуваат. Иако знаете дека детето е многу способно да ја реши задачата, тоа е убедено дека нема да може.
Решение: упорност
Грешките нè движат напред, а борбата и предизвикот се патот до успехот. Ако сакате да му помогнете на вашето дете да развие упорност, побарајте примери на грешки кои се покажале како добри. Прочитајте за историските личности кои истрајале и покрај лошите предвидувања. Разговарајте со вашето дете за омилените ликови од книги или филмови чии погрешни чекори довеле до успех. Ако детето ја препознае моќта во неуспехот, тоа може да му помогне да се ослободи од товарот на перфекционизмот.
Причина: темперамент
Врз основа на темпераментот, Хипократ дефинирал четири типа што можат да го диктираат однесувањето на една личност: сангвиник (среќен), колерик (самоволен и независен), меланхолик (чувствителен и аналитичен), флегматик (се препушта на текот и избегнува конфликти).
Различни темпераменти можат да се борат со мотивацијата и завршувањето на задачите. Сангвините нема да бидат заинтересирани за активности кои не се пријатни, колериците ќе се налутат кога ќе им биде кажано што да прават. Меланхолиците може да се грижат дали ќе направат нешто погрешно, додека флегматиците често се робови на навиката.
Решение: сопственост
Децата повеќе инвестираат во задачите кои сами ги избираат. Прашајте го вашето дете како сака да ви помага низ домот или дознајте какви активности го возбудуваат. Овие деца ќе ги извршуваат многу полесно таквите задачи. Детето мора да научи да ги прифаќа и да ги завршува задачите што не му се инспиративни, но подобро е да започне со задачи што му се допаѓаат.
Причина: интензивен фокус
Многу надарени деца имаат силна способност да се концентрираат дури и на рана возраст. Иако ова има свои предности, има и недостатоци:
-Облекувањето не е ни приближно фасцинантно како цртањето самовили.
-Чешлањето на косата нема никакви шанси додека постојат лего-коцки.
-Неуредната просторија не го одвлекува вниманието како калливите потоци.
Често е тешко да се натера детето да направи нешто што е неопходно, ако е фиксирано на нешто што длабоко и вистински го интересира.
Решение: јасни, визуелни инструкции
Со целата обработка на информации што се одвива во мозокот на надарено дете, списокот со задачи нема да дојде до израз. За да се избегне преоптоварување и избегнување на задачите, важно е да се понудат јасни, конкретни упатства, едно по едно, можеби во визуелна форма.

Причина: асинхрон развој
Надарените деца имаат способност за длабинско разбирање, но често созреваат премногу рано, па дури и може да изгледаат многу постари отколку што се. Меѓутоа, додека некои аспекти од нивниот развој се одвиваат со огромни скокови, други аспекти заостануваат. Затоа понекогаш знаат да читаат многу порано од своите врсници, но можеби не знаат да ги врзат чевлите. Понекогаш најлесните задачи изгледаат непремостливи со асинхрониот развој.
Решение: вежба
Вежбајте го со детето она што не му се допаѓа, што му е тешко и што одбива да го прави токму поради тоа. Нека практикува нови навики, но и нови однесувања. Поделете го учењето на одредена вештина во чекори и научете го детето како да го прави тоа, чекор по чекор. Дури и ако тоа е нешто едноставно како пакување на чантата за на училиште.
Причина: двојна исклучителност
Многу надарени деца се двојно исклучителни. Нивните способности често се придружени со тешкотии во развојот или учењето, како што се нарушувања од спектарот на аутизам, АДХД или дислексија. Понекогаш овие предизвици се едноставно премногу големи бидејќи го спречуваат учењето и можат да влијаат врз функционирањето на децата.
Решение: механизми за справување
Решението не е исто за секого. За некои деца со сензорни проблеми, тоа може да биде физичка вежба. Напорот им помага да се доведат во ред и да го најдат своето место во просторот. Обидете се да експериментирате со она што функционира во една ситуација, додека не најдете нешто што функционира во друга.
Автор: Наташа Крстичевиќ