Одгледувањето деца понекогаш е навистина тешка работа, но ако знаеме да ги препознаеме можните негативни ситуации, всушност почесто ќе ги избегнуваме.

Тантрумите најчесто се појавуваат до третата година на детето и тоа главно поради две причини:
1. Во тој период децата разбираат многу повеќе отколку што можат да изразат затоа што не го владеат добро говорот.
2. Развиваат желба за самостојност и контрола, а не можат да ја остварат.

Родителите треба да се потрудат да ги избегнат тантрумите, но кога ќе се случат, задржете ја контролата и пуштете го детето да се разлади. Потенцијални ситуации за тоа се следните:

1. Тоа е мое!

До третата година од животот детето не споделува со задоволство негова (ниту чија било) играчка, па затоа треба да го поттикнеме. За него важи само: тоа е мое затоа што прв го видов.
Нападот на бес обидете се да го спречите:
* со пофалба, ако сепак се согласи да ја сподели играчката со други;
* со поголема количина играчки, кога очекувате посета на други деца;
* со зголемен надзор, ако веќе сте навикнале на слични конфликти.

2. Не сакам да го јадам ова!

Малите деца по правило не јадат со задоволство, па хранењето е извесен полигон за искушување на нивната моќ. Ако му допуштите на детето да ве вовлече во својата моќна игра, во која вие го наговарате или го молите да јаде, сигурно ќе загубите. Мала е веројатноста дека ќе го придобиете детето да јаде ако тоа одлучило дека не сака.

Што да направите?

Под никакви околности не влегувајте во расправија со детето. Ако одбие јадење, тргнете ја чинијата без коментирање. Кога за еден или два часа ќе пријави дека е гладно, понудете му ја истата чинија. Не сакаш? Не мораш. Во никој случај не потклекнувајте и немојте да му нудите грицки или слатки. Дури ни слатки сокови. Така ќе научи дека ако е гладно, треба да го јаде тоа што му се нуди. Ако детето малку огладни, не грижете се, нема ништо да му биде.

3. Не сакам да се облечам

Вашето дете во еден момент ќе стигне до одредено чувство на независност, што во практика значи дека ќе ги избегнува обидите да го облекувате. Ќе има чувство како со тоа да го манипулирате. Најдобро е на тоа да му пријдете така што облекувањето ќе го претворите во игра и ќе го поттикнете на акција.

Прифатете некои од овие совети:
* Купувајте облека што лесно се облекува, едноставно се наметнува преку главата, нема премногу копчиња, патенти и сл.
* Дајте му на детето ограничена можност за избор – самостојно нека избере една од само две комбинации.
*Покажете му песочен часовник или поставете аларм до кога треба заедно да се облечете. Чувството дека постои натпревар дополнително ќе го мотивира. Можете да броите до три (со продолжетоци…).
* Дозволете му да ви помогне при облекувањето. Детето со задоволство ќе соработува ако нема чувство дека манипулирате со него.
* Поттикнете го само да ги навлече чорапите или да ја облече маицата. Ако сè уште не му успева, помогнете му малку, но оставете му простор самостојно да го заврши облекувањето – за да има чувство на успех. На пример, навлечете му го чорапот, а нему оставете му да го истргне нагоре. Задолжително кажете му дека е убаво облечено.
* Измислете „случај“ при облекувањето, на пример, ракавите се тунел низ кој мора да помине вовче и што поскоро да види светлина…

4. Таа глупава количка

Детето многу брзо ќе забележи дека во количката седат „малите“, додека на „големите“ не им треба количка. Поради тоа, седењето за него станува непосакувано. Кога малечкото ќе дојде до тој период, најдобро е количката да ја користите само кога е неопходно. Ако не сте во временски цајтнот, допуштете му на детето малку слобода. Нека оди пеш со вас како да е возрасно – притоа ги развивате неговите моторички способности. Освен тоа, ќе потроши енергија и полесно ќе заспие.

Екстра совет:
Добар компромис е користењето детски велосипед (со три тркала) со продолжена рачка зашто притоа вие ја туркате и ја одредувате насоката, а детето има чувство дека управува само. Внимавајте рачката да биде доволно долга за да не ве заболи грбот во текот на долготрајното туркање во подгрбавена положба.

5. Досадно ми е!

Децата на кои им е досадно многу лесно ќе добиваат напади на лутина. Затоа, особено за нив важи следното: Само ангажирано дете е среќно дете.

Што да направите за детето да се забавува?
* При пазарење, поттикнете го да ви помогне да ги изберете продуктите или дајте му в рака печиво.
* Кога го чистите станот, „ангажирајте го“ како личен помошник. Може да ви ја придржува цевката од правосмукалката затоа што е мноооогу тешка, а плус е забавно да се „јава“ правосмукалката додека мама ја влече. Притоа внимавајте правосмукалката да не се закачи за некоја пречка или да не го откорнете штекерот.
* Времето брзо ќе помине и додека детето заедно со вас прави колачиња. А и одлични се кога ќе се испечат…
* Ако планирате патување, не заборавајте ги омилените играчки, сликовници и цедиња со приказни и песнички.



912

X