Училишниот прибор е расфрлен насекаде. Работните листови раширени по трпезариската маса. Компјутерите наизменично ги спуштаме каде што ќе се најде чисто и мирно место. Ковид-19 ни ги помести границите и влијаеше и на организираноста на нашиот простор и на организацијата во нашиот ум. Резултат на ова не е само вревата во текот на целиот ден, туку константното зуење во нашите мисли и отежнатата фокусираност на сите членови на семејството, па и децата, иако тие прават најмногу врева.
Иако не ги држиме сите конци в раце, постои начин да преземеме контрола над својот ум и да ги поттикнеме децата да го направат истото. Затоа, пред да ја предадете борбата и 2020 година да ја карактеризирате како пречка, пробајте ги овие 5 совети:

Редовно расчистувајте ја работната маса

Нередот може да изгледа како да нема решение, но постојано ни го одвлекува вниманието. Истражувачите од Универзитетот „Принстон“ откриле дека визуелниот кортекст може да биде пренатрупан со работи кои не се важни за завршување задачи, што го отежнува концентрирањето и ефикасното дејствување. Неуредноста може да биде маѓепсан круг кој може да започне со неуреден животен простор, но секогаш завршува со ментален неред, што доведува до уште повеќе неуреден животен простор. Амбицијата целата соба да се одржува уредна во текот на пандемијата сепак може да биде преголема. Затоа, целта која има повеќе шанси да биде остварена е да ја одржувате работната маса на вашето дете уредна. На крајот, ако завршувањето на задачите е показател за успехот, давањето одговорност на детето за неговиот простор за учење може да даде двоен резултат.

Пуштете го детето да ве научи нешто

Подучувањето е една од најдобрите техники за учење. Подучувањето бара вашето дете да ги организира своите мисли, да работи повеќе и да се потсети на она што било тешко во врска со некоја тема и на тој начин да го зајакнува учењето. Подучувањето може и од дилетант да направи експерт во одредено поле. Затоа направете пауза од подучување и надгледување на своето дете и побарајте вам, на братот, сестрата, па дури и онлајн на пријател да му објасни нешто. Покрај тоа, децата сакаат да учат едни од други, со што ги прошируваат заедничките интереси и така се создаваат пријателства.

Учете со помош на музика

Дали вашето дете има проблем да ја запомни таблицата за множење или главните градови? Употребете мелодија на познати песни за да го олесните учењето. Музиката ни помага подобро да ги запомниме работите преку процес кој се нарекува „сечење“. Со овој процес земаме поединечни информации и ги групираме во поголеми единици – парчиња. Нашето краткорочно помнење може одеднаш да прими само околу седум единици податоци. Мелодијата и ритамот ни овозможуваат да сместиме повеќе материјали во секоја целина поврзувајќи зборови и фрази во звук. Песната за азбуката е одличен пример за овој процес. Без песната децата би научиле 26 букви како 26 различни информации. Тоа е многу потешко да се запомни отколку букви групирани во мелодија како „Ел, ем, ен, оу, пи“. Едно предупредување – музиката е корисна во учењето само кога ритамот и мелодијата веќе ви се познати. Затоа, поттикнете го детето на историските факти додека пее некоја мелодија што веќе ја знае.

Спојте ги децата со природата

Природата на децата им влева чувство на мир, смиреност и рамнотежа. Го подмладува умот и се подобрува фокусот. Исто така, ги држи децата љубопитни во откривањето на светот околу нив. Експертите увиделе подобрување кај луѓето што имаат депресија, аутизам, АДХД и кај други невролошки пациенти кои поминуваат време во природа. Социјалните собири не ни се дозволени, но сепак можеме да уживаме во величествената природа. Прошетките и посетите на локалните резервати се активности кои на сите ни се лесно достапни. Во природа можете да им покажете на децата како да ги применат во реалноста работите што ги учат на училиште.

Раздвижете се

Вежбањето е одлично за вашето срце и вашето расположение. Истиот тој ендорфин поради чие лачење се чувствувате добро по вежбањето помага да се концентрирате и да го изострите умот. Кај возрасните вежбањето го стимулира растот на нервни клетки и го спречува нивното пропаѓање, кое е составен дел од стареењето. Сите би можеле повеќе да вежбаме во текот на пандемијата. Зошто да не го предизвикате своето дете во скокање или нешто слично? Или користете мерач на чекори за да видите кој може повеќе да шета во текот на денот. Со оглед на тоа дека седењето е штетно речиси како и пушењето, можеби вашето дете може да присуствува на онлајн-час така што ќе стои на некоја повисока работна маса. Покрај тоа, кратките тренинзи може да го подобрат сонот. Затоа, доколку досега не сте вежбале, ова е сосема доволна причина да почнете.

Автор: Јасмина Ѓуровиќ

Извор



912

X