Ако ви се чини дека сте единствените во домот што чистите, крајно време е да ги научите и вашите деца да чистат по себе. Така тие ќе станат понезависни, а и вам ќе ви биде полесно.
Се разбира, на децата можеби нема веднаш да им се допадне идејата да почнат да се чистат, но постојат начини да ги научите да го прават тоа без никакви проблеми.
Охрабрување
Ако вашите малечки се жалат и одбиваат да чистат по себе, наместо да им наредувате да го направат тоа, искористете ја моќта на мотивацијата. Ова значи дека кога вашето дете го мести креветот или прави нешто слично без вие да му кажете, не заборавајте да го пофалите: „Ти благодарам за помошта“ – и тоа ќе биде доволно. Како што возрасните сакаат да бидат пофалени за она што го прават, така и децата уживаат во тоа, па ако ги видат мама и тато среќни и задоволни затоа што исчистиле, ќе сакаат да го повторат искуството.
Смислете награда
Идеално, наградата за чистење на куќата би била едноставно чистотата на домот, но за децата тоа честопати не е доволно. Сакаат да работат за нешто, па затоа е добро да ги наградите со нешто. Некои родители им даваат пари на своите деца за овие активности, но тоа може да стане преголем трошок, па можете да воведете дополнителни десет минути време на екранот или нешто слично како награда.
Не користете го чистењето како казна
Понекогаш родителите му велат на детето: „Не одиме никаде додека не исчистиш со правосмукалка/не ги измиеш садовите/не ги наместиш играчките“. Сепак, ова не е многу добра опција затоа што детето ќе се чувствува навредено или разочарано ако сте ветиле дека ќе одите некаде, а сега тоа се одложува.
Како и да е, за да го избегнете ова, најдобро е да креирате распоред до кој вашето дете може да се придржува, а вие можете да напишете или нацртате сè и да го залепите на фрижидерот, или на некое друго видливо место. Објаснете им на најмалите дека треба да извршуваат одреден број задолженија секој ден, за да се одржува сè уредно и чисто, а вие сте тука за да им помогнете.
Одговорности соодветни на возраста
Ако на детето му дадете задача која е премногу тешка за неговата возраст, тоа ќе се чувствува лошо и најверојатно нема да сака да ја повтори. На пример, нереално е да побарате од двегодишно дете да ја смени постелнината, но може да ја земе облеката од подот и да ја стави во корпата. Затоа, не треба да имате преголеми очекувања од вашите деца.

Бидете пример
Како и со многу други работи, детето се угледува на своите родители. Се разбира, ние возрасните не сме секогаш расположени да расчистуваме, но важно е да се однесуваме онака како што сакаме нашите деца да се однесуваат. Со други зборови, ако сакаме да го научиме детето да го среди креветот кога ќе стане, мора да го направиме тоа и ние.
Бидете реални и не очекувајте премногу од себе или од вашето дете. Куќите во кои живеат деца понекогаш се неуредни и тоа е сосема нормално. Сакајте ги вашите малечки и помогнете им да развијат здрави навики кои ќе им користат во иднина, но бидете трпеливи во сето тоа.
Автор: Наташа Златковиќ