Свесноста е здрав концепт веќе со години, со докази за нејзиното потенцијално влијание врз намалувањето на стресот и подобрување на фокусот. Тука е и свесното родителство, што е приказна сама за себе. Со тоа што сте присутни за своите деца, мислењето се намалува, а забавувањето на работите овозможува родителите и децата да се поврзуваат на позначајни начини – и можеби да го елиминираат стресот за сите.
– Сметам дека тоа навистина е посветеност на родителството со намера. Со оглед на нашите хаотични и зафатени животи – како и зафатените животи на нашите деца – лесно е да се чувствувате како да сте во машина. Ги пропуштаме сите оние значајни моменти на нашите деца бидејќи едноставно се обидуваме да преживееме – вели Кристен Рејс, детски психолог и автор на книгата „Свесно родителство“.
Се прашувате како свесноста да стане поголем дел од вашето секојдневие? Ова се пет начини како да почнете да го применувате:
1. Искористете најмногу што можете од утринските активности
Секој родител знае дека утрата се вистински хаос од моментот кога нозете ќе го допрат подот. Треба да подготвите ужини за на училиште, да се измијат заби, да се облечат децата, да се одговори на електронска пошта. Свесноста нема да направи сето тоа да исчезне. Но, може да го намали стресот, барем на минута или две. Кристен Рејс препорачува едноставна вежба додека ги носите децата на училиште (особено ако имате помали деца): една цела минута едноставно молчете заедно и слушајте ги сите звуци околу вас. Потоа споделете што забележувате. Можете да поставувате прашања: „Кој е најдалечниот звук што го слушаш?“, „Што има во близина?“ Друга опција е да го прашате детето да покаже кон нешто што не го забележало порано. Целта е да бидете присутни сите во сегашноста заедно. Дополнително, со ова се поттикнува љубопитноста, па додека дојде време за да влезат во училницата, децата веќе се подготвени да учат.
2. Вежбајте прегратки и дишете заедно
Со оваа едноставна вежба, популаризирана од зен-гуруто Тич Нат Хан, родителите и децата се зближуваат, се прегрнуваат и вдишуваат и издишуваат заедно, со три координирани дишења. Иако ова може да го правите во кое било време, Рејс вели дека е многу ефективно кога вашите малечки се нервозни, па процесот помага да се справите. Заедно. „Со ова се смирува нервниот систем и ги учи децата дека може да го користиме дишењето за да одговориме на тешките ситуации. Децата учат како да се смират, но и вие го учите истото заедно со нив“, додава Рејс.
3. Оставете го телефонот
Сите сме го слушнале овој совет, но едноставно не можете да бидете совесен родител ако постојано сте залепени до вашиот мобилен уред. Мора да поставите граници. Детскиот психолог Рејс вели дека не го користи мобилниот од моментот кога децата ќе се разбудат сè додека не ги остави на училиште, а потоа повторно го остава телефонот еден час кога вечераат. Нејзините деца се тинејџери, па истото го бара и од нив. „Ги прашувам луѓето: Можете ли да започнете со 30 минути? Не зборуваме за напуштање на технологијата по секоја цена. Тука да се биде повнимателен“, вели Рејс.
4. Одредете три добри работи
На крајот од секој ден, кога вашето семејство е собрано за вечера или кога им помагате на децата да се подготват за спиење, обидете се да именувате три добри работи што сте ги доживеале дента. Не мора да бидат некои големи работи – момент поминат под сонцето, кучето кое мрда со опашката кога ќе ве здогледа, поздравување со пријател во училиштето. Всушност, колку се помали овие нешта, толку се подобри и позначајни на некој начин. „Кога ова ќе премине во навика, ќе почнете да бидете посвесни за позитивните искуства кога ќе се случуваат. Така го насочуваме умот да ги забележува овие добри работи“, објаснува Рејс.
5. Запомнете: ПДО
Ова е кратенка за Пауза, Дишење, Одговор со намера. „Со овој процес се учите да дишите бидејќи кога сте под стрес, дишите само со четвртина од вашите бели дробови“, вели Рејс. „Потоа избирате одговор кој може да води до најпозитивниот резултат“. Тоа не значи дека ќе го оставите детето да се однесува несоодветно. Вашиот одговор сепак може да биде авторитетен. Но, целта е да се биде внимателен, а не груб. „Вие го создавате тој мал простор“, вели Рејс.
Автор: Кетрин Пирсон