Воспитување

Пет клучни животни лекции што родителите и децата можат да ги научат заедно

Да им кажете на вашите деца да се зајакнат е навистина тежок предизвик – и тоа всушност не ги прави силни на начини кои ги подобруваат нивните животи или ја одржуваат нивната безбедност. Сепак, начините како да ги научите вашите деца кога да бидат љубезни, а кога да се залагаат за себе може да бидат навистина збунувачки.

Ние ги испраќаме нашите деца во едно сложено општество во кое ниту ние како возрасни не сме ја совладале целосно навигацијата. Не е ни чудо што има толку многу конфузија околу родителството како процес. На крајот на краиштата, не можеме да воспитуваме успешни, одговорни деца додека и ние самите не сме успешни и одговорни, нели?

Честопати лекциите на кои ги учиме нашите деца се лекциите на кои работиме и самите – правење разлика помеѓу она што е/не е прифатливо однесување, воспоставување здрави граници, љубезност, сочувство и ефикасно справување со конфликти.

Совладувањето на овие вештини е доживотен напор. Мора да го прифатиме постојаното учење на овие вештини, додека истовремено ги учиме и децата и ги воспитуваме да прераснат во одговорни, љубезни, силни луѓе. Ова се петте клучни животни лекции што родителите и децата можат да ги научат заедно:

Клучно е да се биде доследен на себе

Помогнете му на вашето дете да препознае колку е уникатно. Покажете му дека поседува специфична комбинација на вештини, физички особини, таленти итн., а и дека светот ќе биде подобро место кога ќе дозволи сето тоа да го истакне.

Само да знаете дека вашето дете нема да верува дека „клучно е да се биде доследен на себе“ воопшто значи нешто, ако го споредувате со врсниците или браќата и сестрите (без разлика дали тоа се однесува на нивните оценки, изглед, таленти или личност). Вашите деца исто така, гледаат колку храбро го презентирате вие вашето сопствено и автентично „јас“ во светот. Дали постојано ги криете своите вистински чувства, верувања или таленти?

Децата се одлични детектори на вистината и можат да видат дали ги практикувате за себе вашите совети за вредноста на автентичноста. Ако постојано ве слушаат како ги критикувате и осудувате другите, немојте да се изненадите кога вашето дете ќе се предаде на притисокот од врсниците и очајно ќе се обидува да се вклопи.

Да се биде верен на себе е постојан и активен предизвик (на која било возраст) кој бара храброст, а не само флоскули. Затоа, поттикнете ја уникатноста на вашето дете, со тоа што постојано ќе му покажувате колку ја почитувате својата.

Не сте единствената личност на планетата

Помогнете му на вашето дете така што ќе го научите на емпатија. Инсистирајте да покаже основна учтивост и манири со зборовите: „те молам“, „благодарам“, „извини“ – и да чека да се искаже другата страна додека разговараат.

Покажете им на децата, со пример, дека овие однесувања не се резервирани само за семејството, наставниците или луѓето што мислите дека се важни. Тие се наменети за сите, од службениците во продавница до стражарите во училиштето.

Ќе ги научите (преку вашиот љубезен однос кон нив) колку е убаво чувството да се практикуваат овие учтиви однесувања.

Без страв од различни гледишта

Разговарајте за тоа дека е сосема во ред ако луѓето поинаку гледаат на ситуациите.

Активно изложувајте ги вашите деца на различни идеи, религии, раси, личности, сексуални ориентации итн. – и научете ги дека тие разлики се природен и вреден дел од животот. Другите луѓе имаат различни начини на гледање на работите. Со некои се согласувате, а со некои не. Сепак, разликите нè предизвикуваат да размислуваме критички и да ги гледаме нештата од повеќе перспективи.

Погрижете се да им дозволите да ги изразат своите идеи (не едноставно да им аплаудирате кога се согласуваат со вашите). Откако ќе ги споделат своите идеи, понудете примери за други начини за набљудување на истата тема, прикажувајќи различни делови од животот. Гледањето на животот низ широка леќа на прифаќање помага да се избришат дискриминацијата, гневот и осудувањето. Учењето да гледа и да размислува отворено додека е мало му помага на вашето дете да развие здрави граници додека сѐ уште учи да ги прифаќа другите.

Одговорност за разбирање (и контролирање) на сопствените емоции

Научете ги вашите деца дека конфликтот е неизбежен и дека гневот е нормален. Сите го доживуваме. Важно е да се научат конструктивно да се справуваат со непријатните чувства.

Децата се креативни и имагинативни, затоа одиграјте игра за да им помогнете да ги разберат и здраво да управуваат со своите емоции. Можете да го научите вашето дете на оваа вежба за да спречите интензивните емоции да го обземат.

Чекор 1: Стоп.

Чекор 2: Диши длабоко.

Чекор 3: Именувај ја емоцијата (гнев, тага, завист итн.). Додека комуницирате со вашето дете, не заборавајте да дишете длабоко – тоа инстинктивно ќе ја копира вашата шема на дишење.

Чекор 4: Размисли за дејство кое ќе ја придружува емоцијата.

Честопати, запирањето и дискусијата за емоциите нудат смирувачки ефект. Се разбира, некои од предложените дејства (во чекор 4) што ќе произлезат од вашето дете најверојатно нема да бидат соодветни. Во секој случај, слушајте го вашето дете и прашајте го дали тоа ќе влијае врз решавањето на проблемите на долг рок. Ако не, какво дејство може да направи за да се чувствува подобро и да го реши проблемот што не вклучува викање, удирање или нетрпеливост?

Покажете му на вашето дете дека неговите непријатни емоции се нормални. Да се биде успешен човек значи да научите како да ги изразувате емоциите, искрено и соодветно.

Ако сте бесни, дозволете „тренингот за согорување на гневот“ да потроши дел од таа енергија за потоа да можете дипломатски и љубезно да го решите отежнувачкото прашање. Тогаш вашето дете ќе види дека секој може да се согласува со другите без да биде несреќен и дека има практични, лесни начини за работа и за справување со предизвикувачките емоции.

Сочувството и возвраќањето се исплатливи

Да го воспитате вашето дете да биде одговорно за завршување на домашните задачи и за задолженија соодветни на возраста е од витално значење за да го подготвите за зрелоста. Одделете ги секојдневните обврски од контактите со болните соседи или помагањето на постар познајник во работата низ дворот итн.

Помогнете им на децата да видат како сочувството кон другите е дел од придонесот за заедницата во која живеете, без разлика дали тоа е помагање на еден сосед или волонтерство за голема непрофитна организација.

Што и да правите, не дозволувајте вашите деца да видат дека очекувате пофалба за вашите сочувствителни напори, додека инсистирате да дејствуваат несебично, на самостојно ниво. Но, приватно пофалете ги за какви било дополнителни внимателни дејства што ги прават и охрабрете ги да продолжат да покажуваат сочувство кон поширокиот свет околу нив.

Случајните дела на љубезност направете ги дел од вашата семејна култура, со вткајување сочувствителни постапки во вашето секојдневие, секогаш кога тоа е можно. Кога ќе се појават теми како што се сиромаштијата, бездомништвото или гладот, дозволете им на вашите деца да размислуваат за начините како да придонесат за значајна промена бидејќи постојат активности соодветни за сите возрасти. Охрабрете ги вашите деца да размислуваат за начини како да помогнат, а потоа следете ги кога ќе се обврзат на нив.

Нема да им биде тешко да смислат начини како да покажат љубезност ако ве видат и вас како извршувате задачи за соседот, му помагате на пријател кој минува низ тежок период, правите супа за жртвите од невремето и слично.

Затоа, имајте самопочит, бидете сигурни во себе, зборувајте (за себе и за другите) и поставете здрави граници. И, со сите средства, посегнете по другите и покажете некоја човечка добрина. Ако живеете според стандардите што сакате да ги имаат вашите деца, и вие и децата ќе израснете во прекрасни, успешни луѓе!

Автор: Џен Боуен

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top