Воспитување

Старомодните играчки се подобри од модерните

Не дозволувајте да бидете измамени од сите тие „едукативни“ технологии во продавниците. Она што е најдобро за вашите деца, според педијатрите, се старомодните играчки што бараат интеракција со нив.

Играта е важна за развојот на децата, но децата најдобро учат од возрасните. Тие усвојуваат јазични вештини, учат за тоа како функционира светот и добиваат повратна информација што може да ги поттикне учењето и позитивното однесување, препорачува Американската академија на педијатрите во новиот водич за луѓето што купуваат играчки за своите деца.

– Преплавени сме со секакви видови сензорно-стимулирачка бучава и играчки што светат и платформи базирани на дигиталните медиуми со софтвери и апликации ориентирани кон децата – објави Академијата на својата веб-страница.

Особено новите родители се желни да ги купат најдобрите производи за своите деца. Сепак, голем дел од нив не сфаќаат дека децата треба да ја користат нивната фантазија, да ги движат рацете и телото за да ја изразат креативноста.

Едноставните играчки, како блоковите, боиците и игрите со картички, може да ги задоволат овие потреби подобро од која било видеоигра.

– Бидете внимателни кога ќе го сретнете зборот „едукативни“ на етикетите. Вистина е дека повеќето таблети, компјутерски игри и апликации што се рекламираат како едукативни, всушност, не се. Повеќето „едукативни“ апликации ги насочуваат мемориските вештини, како што се азбуката и формите. Овие вештини се само дел од подготвеноста за училиштето. Способностите на младите деца пред тргнување во училиште вклучуваат контрола на импулсите, управување со емоции и креативно, флексибилно размислување. Најдобро се учи преку неструктурирана и социјална игра со семејството и пријателите.

Таканаречените едукативни игри и апликации за дигитални медиуми всушност го одложуваат социјалниот развој особено кај малите деца, бидејќи се меша во нивното учење за реални изрази на лицето и гестови.

Родителите треба да им го ограничат на децата периодот кога гледаат видеа и играат видео и компјутерски игри.

– Вкупното време на екранот, вклучувајќи го користењето на телевизија и компјутер, треба да биде помалку од еден час дневно за деца на возраст од две години и постари, а да се избегне за оние помлади од 2 години – велат упатствата.

– На децата помлади од 5 години треба да им биде дозволено да играат соодветно развојни компјутерски или видеоигри, придружувани од родителот или старателот – советуваат педијатрите.

Ова е листа со игри и придобивките од нив што ги препорачува Американската академија на педијатрите:

Преправање

Куклите, животните, акционите фигури, играњето со храна и кујна, автомобилчињата и авионите можат да им помогнат на децата да ги имитираат и практикуваат реалните ситуации.

– Имагинарната игра е голем дел од социјалниот и емоционалниот развој на детето – велат педијатрите.

Моторни вештини

– Децата можат да стекнат вештини за решавање на проблемите со традиционалните омилени играчки, како што се коцки, возови и сложувалки. Овие видови играчки ги поддржуваат фините моторни вештини и можат да го подобрат развојот на јазикот и на мозокот. Со некои од овие играчки се градат математички вештини кај децата – велат од Академијата.

Јазик

Да, можете да купите апликации што ќе им читаат на децата.

– Но вистинските човечки интеракции се од суштинско значење за растот и развојот на детето. Дигиталните играчки никогаш не треба да го заземат местото на вистинската игра лице в лице – велат од Академијата на педијатрите. Играњето друштвени игри, игри со картички, букви-играчки заедно со книгите им помагаат на децата да учат додека комуницираат со други луѓе.

Физичка игра

Премногу деца се дебели, а играчките што поттикнуваат физичко движење им помагаат на децата да останат здрави додека се забавуваат. Топките, трициклите и играчките што помагаат во физичкиот развој им помагаат на децата да научат како да се дружат.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top