На поплаките од граѓаните дека нема доволно термини за тестирање и дека тестовите во приватните лаборатории се прескапи, од Министерството за здравство велат дека засега не планираат да склучат договори за тестирање со лабораториите во приватните здравствени установи

Матичните лекари и педијатрите апелираат да се зголеми тестирањето на деца за Ковид-19. Тие велат за коронавирус да се тестираат и децата што имаат некои од симптомите за да се превенира ширење на вирусот. Ковид-19 предизвикува потешка форма на болеста кај повозрасните, но во последниот период се зголемува и бројот на деца со посериозни манифестации на болеста. Од друга страна, граѓаните реагираат дека нема доволно термини за тестирање во државните лаборатории и дека често се принудени тестовите да ги прават во приватните, каде што се прескапи.
Лекарите велат дека често имаат проблем да ги убедат родителите дека треба да го тестираат детето и дека се случува да не се пријават на закажан термин за тестирање.

– Апелирам до сите мои колеги, кога ќе им се појави детенце со симптоми, да го пратат на брз тест, ако не за друго, да се исклучи можноста дека е коронавирус и да бидат и повозрасните послободни дека нема да биде загрозено нивното здравје или на некој повозрасен член од семејството. Ова е особено важно сега кога на дневно има многу заразени – вели педијатарот Лилјана Којиќ, која работи како матичен лекар.

Таа објаснува дека кога ќе се разболат од Ковид-19, децата најчесто полесно поминуваат, но кај повозрасните тоа може да биде со потешка форма.

– Инсистирам кај малите деца да се направи тест за коронавирусот бидејќи кај нив симптомите и за други вируси или бактериски инфекции се слични и на мала возраст само од прегледот без тест не може да се каже дали е настинка или коронавирус, или некоја друга вирусна инфекција. Децата најчесто поминуваат неколку дена со температура, течење на носот, но кај повозрасните вирусот прави потешки форми. Од почетокот на пандемијата се обидувам да им објаснам на родителите дека не е ништо страшно да се земе брис од носот и да бидат сигурни дека детето нема коронавирус – вели д-р Којиќ.

Таа додава дека сега има и повеќе тестирани и откриени деца што се заразени, за разлика од претходно кога вирусот повеќе се пренесуваше меѓу возрасните.

– Дел од моите колеги од страв да не им замине пациентот, им попуштаат на родителите и не ги праќаат децата да се тестираат, што не е во ред. Имав случаи кога родителите одбиваат да го тестираат детето и на закажан термин, а често и до доцна ноќе седиме да им закажеме таму каде што ќе се ослободи термин. Други, пак, не можејќи по брзиот тест да почекаат неколку дена додека се ослободи термин за ПЦР-тест, брзаат да направат во приватните болници, што исто така не им го советуваме и непотребно се изложуваат на трошоци. Ако состојбата не е добра, ние секако ги упатуваме во ковид-центрите – вели д-р Којиќ.

На поплаките од граѓаните дека нема доволно термини за тестирање и дека тестовите во приватните лаборатории се прескапи, Од Министерството за здравство велат дека засега не планираат да склучат договори за тестирање со лабораториите во приватните здравствени установи. Оттаму велат дека не можат да поттикнат почесто тестирање кај помладата популација бидејќи тоа не се прави според возраста, туку според симптомите.

– Во јавно-здравствените установи дневно се вршат над 4.000 тестирања на граѓани, што значи дека во изминатиот период значително е зголемен опсегот на тестирања. Термини се отвораат на дневно ниво и во зависност од темпото на закажување од страна на матичните лекари, доколку за истиот ден или ден потоа нема слободен термин, во следните 3-4 дена може да се резервира термин за тестирање. Во овој момент не се планира склучување на договор со приватните здравствени установи за тестирања на товар на ФЗОМ – велат од Министерството за здравство.



912

X