Замислувам ситуација како мајката ѝ зборува на ќерката: „Мила, ова е крстосница и ти сега треба да ја преминеш улицата. Правилата уочи ги сама, се гледаме дома“. Да присуствувам некогаш на ваква ситуација, би ја осудила или дури некаде би ја пријавила. Па кој вака го загрозува животот на своето дете?!
Веројатно се прашувате каква врска има оваа ситуација со социјалните мрежи, а особено со „Јутјуб“, кој е тема на овој текст. Еве каква.
Кога на децата им ставаме в раце компјутер, таблет, телефон и им покажуваме како тие технички уреди функционираат, ретко кога прво разговараме со нив за користењето на социјалните мрежи, интернет-пребарувачите и слично. Ги пуштаме во тој некогаш опасен свет, без никакви објаснувања за можните проблеми, замки, опасности. А виртуелниот свет, кој често ние возрасните не го сфаќаме сериозно, тие го живеат.
Целта на влијанието на инфлуенсерите е само едно – заработка
Порака на „Инстаграм“, „Тик-Ток“, „Снепчет“, клипови на разни „инфлуенсери“… И мене, иако постојано сум контакт со нив, некогаш ми е тешко сè да проследам. На мрежа се запознаваат, дружат, заљубуваат, се расправаат, се смируваат (иако тоа почесто мораме да го правиме во живо на старомоден начин со разговор очи в очи). Меѓутоа, опасностите што ги демнат, а за кои тие апсолутно не се свесни, се многубројни. Ние возрасните и во училиштето и дома со децата обично често разговараме за таканаречените интернет-предатори. Кои се, како да се заштитат од нив, кому да му се обратат ако се сретнат со нив… Сепак, тука би го свртела вниманието на помалку физички опасната, но психички проблематична работа. Тоа се различните „инфлуенсери“ на социјалните мрежи. Тие се обично млади луѓе кои снимаат видеоклипови и така влијаат врз нашите деца.
Колкаво влијание може да имаат, ќе видите според бројот на прегледи на тие видеа, но и во непосреден разговор со децата. Влијаат со своите ставови, идеи, вредносен систем.
Влијаат врз музичкиот вкус на децата, како и врз модниот. А целта на тоа влијание е само едно – заработка. Сè што некои од нив препорачуваат или пофалуваат често е реклама за која се платени. Па така гледате групи деца во исти патики, исти дуксери за кои знаете дека се промовирани на тие видеа. Така тие од децата создаваат исклучиво потрошувачи на одредени брендови, учејќи ги дека надворешното е единствено важно. Вистинскиот дуксер, патики, подоцна автомобил, часовник, она што те воведува во одредено друштво кон кое треба да се стремиш.
Објаснете им на децата кои се добрите и лошите страни на интернетот
Инсистирајќи на материјалното, децата се учат на погрешни животни вредности. Исто така, некои од овие млади луѓе имаат многу проблематичен став за другите луѓе (често во видеата се навредуваат други што се занимаваат со снимање видеа), партнерските односи (понижување девојки). Сè е дозволено и нема ограничувања. Затоа мислам дека ние, како возрасни лица, треба одговорно и сериозно да се занимаваме со овој проблем.
Објаснете им на децата кои се добрите и лошите страни на интернетот. Погледнете некое видео со нив и заедно анализирајте го. Научете ги своите деца да размислуваат за работите што ги гледаат и слушаат, а не без приговор да ги прифаќаат. Не пуштајте ги сами и незаштитени да ја преминуваат таа крстосница, помогнете им на тој пат кон созревање и растење.
Автор: Невена Тоскиќ, педагог