Познатиот „Мекдрими“ од серијата „Вовед во анатомија“ со години е миленик на женската публика, а оваа година ја освои и титулата најсекси маж на светот, според магазинот „Пипл“. За магазинот тој даде ексклузивно интервју на повеќе теми, вклучувајќи го и родителството.

Освои многу срца на екранот, повеќето од нив токму со улогата на д-р Дерек Шепард во „Вовед во анатомија“. Меѓутоа, во реалноста тој е всушност семеен човек, татко на три деца.

Неговата најстара и единствена ќерка има 21 година, додека неговите синови близнаци сега се во можеби најдобриот дел од пубертетот со своите 16 години. Сигурни сме дека не е лесно, а Патрик во интервјуто вели дека сега е многу потрпелив отколку порано, како татко.

„Еден од најголемите предизвици за мене беше справувањето со таа врева и неред, но сега сум многу потолерантен“, изјавил Патрик, признавајќи дека полесно поминувал со своите деца кога биле помали отколку сега кога се во пубертетот и постари.

„Тоа е така затоа што мораш да бидеш со нив, но тие не те сакаат во нивна близина затоа што се борат за својата независност, како што и треба“, одлично го опишал Патрик овој хаос во пубертетот. „Тие треба да разберат како функционираат во светот, треба да ги научат овие граници, мора да прават грешки. И треба да бидете тука за нив и да ги оставите да учат од тоа“.

Но, можеби токму ваквиот живот, со три деца, од кои двајца се тинејџери, е заслужен за неговата титула. Имено, Патрик признал дека неговите деца го држат постојано во движење. „Поради нив сум многу активен. Морам да останам во форма за да бидам во чекор со нив. Колку сте постари, толку повеќе треба да работите“.

Додал и дека го одржуваат млад, како на пример кога се шегуваат со него, како што очекувал, поради титулата што ја добил и ги смислуваат сите причини зошто не требало да ја добие.

Патрик Демпси во интервјуто открил дека не е баш лесно да се одгледуваат деца во Холивуд. „Прочитав нешто за тоа кога имате деца, колку е всушност важна околината во која се наоѓаат, таа е можеби најважната работа за нив и нивниот развој“, рекол тој. „Затоа, се трудам да ја задржам таа добра, мирна, безбедна, љубовна средина за нив. Особено кога сакам секој од нив да си го најде својот идентитет, далеку од мојата сенка“, заклучил Демпси.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X