Будалести деца се оние што речиси во сите ситуации се несериозни, и кога треба и кога не треба, до кои не можеш да допреш кога сакаш да започнеш некој сериозен разговор бидејќи постојано го вртат на шега. Тоа се оние деца што се смеат на секоја шега, колку и да е плитка, само за да се смеат.
Многумина ќе речат: „Нека се смеат децата, што има лошо во тоа?“
Има, и тоа како има!
Од будалестите деца ќе произлезат будалести луѓе, а тешко тебе ако таков човек ти е брачен партнер или колега или уште полошо – претпоставен на работа!
Будалестиот е секогаш будалест на туѓа сметка! Така, некој поради нив сигурно трпи и го презема товарот на свој грб!
Будалестите луѓе не се подготвени на некаква тешкотија, затоа и избегнуваат сериозност, одговорност, работа. Тие сакаат само да им биде убаво. Но, во ред, и јас сакам да ми биде убаво, но знам и дека животот не се состои само од убавина! Кога не е убав, не ги затворам очите, не се повлекувам, туку правам чекор напред, издржувам, поднесувам, ги засукувам ракавите и се потам!
Будалестите не го прават тоа!
Не мешајте ја играта со несериозноста!
Кога децата играат, тие го прават тоа на многу сериозен начин, целосно се внесуваат и уживаат во тоа, но кога некој будалее, тој е непосветен, секогаш е на површината. Играта е преубава, корисна активност која го развива детето, а несериозноста е негативна навика која ја уназадува детската личност и троши време!
Што ако кај своето дете ги препознаете симптомите на „будалетинка“?
Под број еден, спречете ја несериозноста секогаш кога е непримерно. Така, немојте да бидете толерантни на такво однесување само затоа што се работи за шега. Шегите се супер работа, хуморот е врв на интелектот, но и тие имаат своја мера, свое време и место. Нека има многу смеа во животот на вашето дете, но важно е да постои и време за сериозност!
Под број два, изложете ги на тешкотии врз основа на нивната возраст, во смисла на домашни обврски, учење, преземање одговорност за своите задачи и термини.
И под број три, најважно, размислете дали некој од вас, родителите, е склон кон будалеење. Ако се пронајдовте, работете на себе, а ако сте го препознале својот партнер во оваа приказна, Бог нека ви е на помош!
Автор: Билјана Грбовиќ