Парите се најголемата грижа што ги спречува младите возрасни во Велика Британија да основаат семејство, според ново истражување.
Повеќе од половина (59 отсто) од испитаниците ги навеле финансиските грижи како причина број еден зошто би размислувале да го одложат имањето деца или да одлучат воопшто да немаат.
Истражувањето, нарачано од „Април“, компанија за бенефиции за плодност со седиште во Берлин, покажало дека најголемата бариера за родителството се зголемените трошоци за живот, наведени од 29 отсто од испитаниците. Следувале трошоците за згрижување на децата (13 отсто), сè уште немањето вистински партнер (12 отсто) и неможноста да си дозволат да купат сопствен дом (11 отсто).
Истражувањето, спроведено меѓу 2.000 возрасни лица од Велика Британија, на возраст од 18 до 35 години, открило дека две третини од испитаниците би размислиле да ги замрзнат своите јајце-клетки, сперматозоиди или ембриони за да ја продолжат нивната плодност доколку можат да си го дозволат тоа.
Овие земји ќе ви платат за да имате бебиња
Токсичниот „коктел“ од стареењето на населението и падот на наталитетот низ Европа веќе ја доведува во прашање одржливоста на системите за социјално осигурување.
Просечната стапка на фертилитет во ЕУ, од 1,50 живородени деца по жена во 2020 година, е далеку под нивото од околу 2,1 живородени деца по жена што е потребно за да се обезбеди широко стабилна популација во отсуство на миграција.
Европските земји излегоа со различни стратегии за да ги поттикнат жените да имаат повеќе деца. Една од најчестите е да им се даде на семејствата „бебешки бонус“ – парична награда за секое дете што го имаат. Велика Британија нуди различни бенефиции за да ги поттикне паровите да имаат деца. Детските додатоци, на пример, обезбедуваат 21,80 фунти (24,87 евра) неделно за првото дете и 14,45 фунти (16,48 евра) неделно за сите деца потоа.
Граѓаните, исто така, можат да побараат грант за породилно наречено „Сигурен почеток“ – еднократна исплата од 500 фунти (571 евра) за помош при трошоците за раѓање дете. Родителите или старателите исто така, можат да бараат даночни кредити и универзален кредит, што им овозможува да бараат назад до 85 отсто од трошоците за згрижување на децата.
На друго место во Европа, пак, Финска е позната по тоа што е меѓу најдарежливите. Помеѓу 2012 и 2022 година една од најмалите општини во земјата, Лестијарви, станала позната по доделувањето 10.000 евра за секое новороденче, во очајнички повик за зајакнување на наталитетот во градот. Шемата завршила минатата година затоа што многу од семејствата што ја примале финансиската помош потоа се преселиле на друго место.
Во Унгарија, клиниките за плодност се сметаат за „национално стратешко значење“ од страна на екстремно десничарскиот премиер на земјата Виктор Орбан. Младите брачни двојки во Унгарија, исто така, можат да бараат од банката заем до 10 милиони форинти (околу 30.000 евра), да престанат да плаќаат камата за кредитот ако добијат дете во рок од пет години и да го видат заемот целосно отпишан ако имаат најмалку три деца. Жените што имаат четири деца, пак, трајно се ослободени од плаќање данок на доход.
Во Грција се доделува бонус од 2.000 евра за секоја мајка што родила и легално и постојано престојува во земјата. Во Италија, родителите можат да бараат додаток за породување до 192 евра по дете месечно, во зависност од приходот на нивното домаќинство.

Во Шпанија, предлог-законот за буџетот за 2023 година ќе вклучи, меѓу другите мерки, месечен додаток од 100 евра за мајки со деца под три години.
И Франција е позната по своите раскошни трошоци за семејната политика, со околу 4 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) посветен на бенефиции, како што се платено родителско отсуство, семеен додаток и субвенционирана грижа за децата. Земјата нуди неколку видови поддршка. Во зависност од нивниот приход, домаќинствата со три деца може да добиваат до 594 евра месечно како семеен додаток. Тие добиваат и финансиска помош за да платат грижа за децата. Сумата, врз основа на годишната бруто-заработка на родителите или самохраните мајки, може да достигне до 647 евра месечно.
Интересно е што Франција е и шампион на Европа за плодност, со 1,83 раѓања по жена.
Замрзнувањето на јајцата, медицинска практика за зачувување на плодноста на жената, е познато дека е скапо – а неговата употреба е строго ограничена во некои земји како Франција. Типичната цена на еден циклус на замрзнување јајце-клетки низ Велика Британија и ЕУ започнува од околу 3.000 евра, на кои треба да се додадат трошоците за подоцнежно одмрзнување на јајце-клетките за ин витро оплодување (ИВФ) – процедури кои можат да достигнат вкупно 10.000 евра или повеќе.
„Април“ им помага на европските бизниси – вклучувајќи го и „Саундклауд“ – да им овозможат на вработените пристап до придобивките за плодност, како што се замрзнување јајце-клетки, посвојување, сурогат-мајчинство и ИВФ.
-Со поддршка на потребите за формирање семејство и плодност на работа, работодавците покажуваат дека ги препознаваат семејните обврски на луѓето надвор од работата – изјавила коосновачката на „Април“, Џени Сафт.
Ова, потенцирала таа, може да поттикне работна култура „каде што барањето третман за плодност, бременоста и барањето одмор од работата за семејни потреби нема да влијае врз напредокот во кариерата – и нема да биде исполнето со свесна или несвесна пристрасност.
Автор: Камил Бело