Ако сте бремени и имате главоболка или температура, веројатно ќе посегнете по парацетамол, кој веќе со години им се препорачува на трудниците во ситуации кога им е потребно нешто за ублажување на болките или за да се симне температурата. Се сметал за најбезбеден лек за мајката и фетусот.

Но, истражувањето објавено минатиот месец во „Nature Reviews Endocrinology“ покажало дека пренаталното изложување на парацетамол може да му наштети на развојот на бебето и да го зголеми ризикот од некои невроразвојни, репродуктивни и урогенитални нарушувања. Оваа студија ја потпишале повеќе од 90 научници од САД, Велика Британија, Канада, Австралија, Бразил и од Европа, кои се согласиле дека бремените жени би требало да го избегнуваат парацетамолот освен ако тоа не е медицински препорачано.

Кои се ризиците за фетусот од употребата на парацетамол во бременоста?

Истражувачите откриле дека земањето парацетамол во бременоста може да биде поврзано со репродуктивните и невролошките абнормалности како кај момчињата така и кај девојчињата. Кај момчињата, парацетамолот може да го зголеми ризикот од репродуктивни абнормалности, а кај девојчињата се поврзува со прерано влегување во пубертет. Кај двата пола, употребата на парацетамол во пренаталниот период може да го зголеми ризикот од појава на нарушување на вниманието и хиперактивноста, нарушување од спектарот на аутизмот, доцнењето во развојот на говорот и намалениот коефициент на интелигенција.

Истражувачите се согласуваат дека се потребни дополнителни истражувања, но истакнуваат дека многубројни студии на животни дефинитивно ги потврдиле овие сознанија. Кај глувците, изложувањето на фетусот на парацетамол предизвикало репродуктивни нарушувања, намалена плодност подоцна во животот и промени во когнитивните функции и во однесувањето. Кога се работи за дозата која би можела да биде штетна, најсилни негативни ефекти се забележани кај подолгорочно земање на лекот (две недели или подолго). Ако земате минимална доза еднаш или двапати во текот на бременоста, се разбира дека значително се намалува шансата да се случи какво било нарушување.

Употребата на парацетамолот е многу раширена

Еден од најчесто користените лекови на светот е токму парацетамолот. Се наоѓа во стотици лекови, вклучително сирупи за кашлање, за алергија или за сузбивање на симптомите од настинка. Се смета често за бениген, иако во САД секоја година е еден од најголемите „виновници“ за болести на црниот дроб, Некои процени се дека околу 50 отсто од трудниците глобално, барем еднаш користеле парацетамол. Истражувачите тврдат и дека парацетамолот е таканаречен „ендокрин дисруптор“, односно дека може лесно да помине низ плацентата и да пронајде пат до фетусот – со потенцијално штетни ефекти.

Па, што да прават трудниците кога нешто ги боли?

Клиничките истражувања на трудници генерално не се многу на број, а болката во текот на бременоста е исто така недоволно истражена. Сепак, ако добиете висока температура во бременоста, нејзиното спуштање е задолжително, бидејќи пренаталната треска е поврзана со зголемен ризик од дефекти на невролошките цевки и кардиоваскуларни болести на фетусот.

Ако сте користеле парацетамол во бременоста, немате причина да се обвинувате себеси. Сте работеле во согласност со она што медицината во тој момент го советувала.

– Статистички, ниски се шансите дека употребата на парацетамол ќе влијае врз бебето. А ако имате силни болки или треска, секако дека парацетамолот и натаму се смета за најдобар избор во бременоста. Но, бидејќи истражувањата покажале дека ниту тој не е без негативни последици за фетусот, целта треба да биде да го избегнувате кога тоа е можно – вели д-р Ром, еден од учесниците во истражувањето, на својот блог. Ако во текот на бременоста добиете главоболка, пред да посегнете по лекови, обидете се со:

-Дополнителна хидратација
-Внесување повеќе протеини и масти
-Магнезиум
-Масажа

Но, на крајот, според авторите на студијата, мора да се направи анализа на ризиците и користа од употребата на лековите. Секако дека трудниците не треба да ја игнорираат високата температура или силните болки. Но, важно е да бидат информирани за ризиците од земањето лекови.

Извор



912

X