Надлежните од детските градинки низ земјава велат дека состојбата со пандемијата е стабилизирана зашто веќе немаат ниту позитивно дете ниту позитивен вработен

Детските градинки треба да почнат да работат како и пред пандемијата, односно да се вратат на нормалните текови на функционирање.
Ова е препораката на микробиологот, проф. д-р Никола Пановски, кој смета дека нема опасност од ширење на ковид-19 во градинките и меѓу најмалите.

– Веќе се препорача да се укине носењето маски кај учениците во основните училишта. Разликата меѓу градинките и училиштата е голема. Во градинките децата не се мешаат меѓу себе, односно меѓу групите, не одат на големи одмори, за разлика од училиштата. Затоа опасноста од ширење е многу ниска. Ако се разболи дете, ќе се прошири заразата само во групата каде што престојува, нема да ја прошири во другите групи зашто децата таму не се дружат како тие во основното образование – додава Пановски.

Проф. д-р Никола Пановски

Деца.мк веќе го отвори прашањето дали надлежните ќе направат промена во протоколите за установите каде што се згрижуваат и воспитуваат децата од предучилишна возраст, како и дали навистина е потребно да се зголеми бројот на децата по групите.

Според Пановски, и податоците на Институтот за јавно здравје говорат дека најмалку нови случаи на позитивни има во старосната граница од 0 до 9 години.

Битката за упис ги мачи родителите

Надлежните од детските градинки низ земјава велат дека состојбата со пандемијата е стабилизирана зашто веќе немаат ниту позитивно дете ниту позитивен вработен.
Тие посочуваат дека кај родителите повеќе не постои страв да го носат детето во градинка зашто најголем дел од нив веќе ја прележале болеста, па затоа сакаат нивното дете да престојува во градинка каде што ќе се едуцира и ќе се дружи со врсниците.

Веќе е познато дека пандемијата го продлабочи проблемот за упис на деца во градинките што постои со децении. Битки за место плус, па уште и бркање врски е проблем кој постојано ги мачи родителите.

Најмалку нови позитивни кај деца од 0 до 9 години

Владата на 1 септември минатата година го дополни протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми од 21 на 25 деца. Во соопштението се наведува дека ова важи само за големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години. Согласно протоколот, во јасли се згрижуваат максимум 12 деца.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во периодот од 7 до 13 март биле регистрирани заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години.



912

X