Како што настана експанзијата на употребата на новите технологии, така многу детски психолози се прашуваа како тоа ќе влијае врз развојот на детските способности и вештини. Неколку истражувања покажуваат дека има сѐ повеќе деца со проблеми, намалени когнитивни способности и намалена концентрација, дека патат од депресија и немаат емпатија за другите поради големата употреба на новите технологии.
Често родителите ги прашуваат психолозите и педијатрите колку време смеат децата да поминуваат на разни безжични уреди, а тоа да не им штети на здравјето.
Ова се некои од советите на детските експерти кои со оваа тема се занимавале изминатите години. Педијатриската академија на Америка и канадското друштво на педијатри објавиле дека:

Деца до 2 години воопшто не би требало да бидат изложени на влијанието на технологијата;

Деца од 3 до 5 години би требало да имаат ограничен пристап до технологијата на еден час дневно;

Деца и адолесценти од 6 до 18 години не би смееле да поминуваат повеќе од 2 часа дневно пред мобилни или десктоп-екрани.

Меѓутоа, сведоци сме дека реалноста е малку поинаква. Сè повеќе педијатри ги советуваат родителите да им го ограничат на децата времето поминато на интернет-уреди, особено користењето на мобилните телефони и таблети. Последиците од нивното неконтролирано користење се сериозни, а понекогаш и прилично опасни, покажуваат голем број истражувања во чиј фокус е развојот на детето опкружено со новата технологија.

Некои од многу важните причини зошто на децата треба да им се ограничува употребата на интернет-уредите се следниве, а сите се тесно поврзани со нивното психо-физичко здравје, па треба сериозно да ги сфатите.

Дебелина – поголемиот број од родителите не знаат дека во детството се создаваат масни клетки кои подоцна, во зрелата доба, може само да бидат помалку или повеќе полни со масти, но стекнатиот број на клетки во детството не се смалува. Односно, склоноста кон дебелеење се формира на најмала возраст.
Во последните 10 години честотата на појавата на дебелина кај децата е зголемена за 5 пати, а за тоа исклучиво придонесуваат физичката неактивност и неправилната исхрана. На нашето поднебје децата внесуваат прекумерна количина на јаглехидрати, а сè помалку се физички активни. Не треба да се споменува дека дебелината ги зголемува шансите за појава на дијабетес, го зголемува ризикот за срцев удар и ја скратува очекуваната должина и квалитетот на животот.

Развој на мозочната маса – до втората година мозокот се зголемува за три пати и продолжува забрзано да се развива до 21 година. Развојот на мозокот настанува поради различни стимуланси со кои детето доаѓа во контакт или го опкружуваат. Кога детето е сконцентрирано на одреден уред, се намалува бројот на дразби од околината кои го помагаат развојот на мозокот. Вџашувачки е тоа што денес дури едно од три деца што тргнуваат на училиште заостанува во развојот. Истражување на американски универзитет за педијатрија објавило резултати кои вклучиле 2.200 семејства од 10 развиени земји кои имаат деца од 2 до 5 години. Податоците покажале дека 58 отсто од претшколските деца знаат да играат игри на компјутер, но само 9 отсто од нив умееле да ги заврзат врвците. Претераното изложување на технологијата е директно поврзано со проблемите како нарушување и недостиг на внимание, доцнење во когнитивниот развој, тешкотии во учењето, зголемена импулсивност и намалена способност за контролирање на чувствата и однесувањата.

 

Доцнење во развојот – За користење на техничките уреди е потребна минимум физичка активност (главно се сведува на пишување со прстите), а тоа не е доволно за здрав раст и развој. Како последица на тоа се јавува заостанат физички и психички развој на детето. Така, моментално имаме околу 30 отсто деца што тргнуваат во училиште со намалени физички способности и заостануваат во образованието. Задачите кои генерациите пред 20 години ги решавале користејќи логика пренасочена од игри како ластик или криенка, најновите генерации воопшто ги немаат. Тие користат научени слики, така што она што не се вклопува во видената слика не се трудат ни да го решат. Некогашните игри им овозможувале на децата преку движењата да ги активираат мускулите, зглобовите и да го поттикнат мозокот на решавање проблеми. На тој начин кај децата се зголемува способноста за учење и логичко поврзување. Денес, децата што поголем број часови поминуваат пред паметните уреди ја губат способноста за учење.

Зрачење – Дали го има во безжичните уреди или не? Ова е тема со која се манипулира во последните години на сите нивоа, од производителите на уредите, преку невролошките експерти до научниците. Светската здравствена организација пред 7 години ги дефинира паметните телефони и другите уреди што користат интернет-врска како закана за човековото здравје на 28. ниво (многу канцерогено влијание) поради количеството радијација што човекот го впива со просечно користење. Канадски научник истата година потврди дека децата се уште позагрозени отколку возрасните зашто нивните системи на одбрана – имунолошкиот систем, како и мозокот – сè уште не се развиени и затоа се поподложни на последиците од зрачењето.

Лош квалитет на сонот – Тоа што децата поминуваат премногу време пред разни мали и големи екрани, кои емитуваат одредени зрачења, создава разни нарушувања во пиењето, кои кај децата се во значителен пораст. Познато е дека ЛЕД-светлината создава возбудувачки импулси во мозокот и дека се потребни околу еден-два часа за овој вид импулси да се „спуштат“. Погрешно е кога родителите користат вакви уреди за да го заспијат детето. Детскиот мозок тогаш се бори до последните активни синапси да остане будно, наместо да потоне во сон опуштено. Исто така, не помалку важна е и содржината на тоа што го гледаат. Агресивната содржина поттикнува кошмари, креира неправилни обрасци на спиење, како што тоа го дефинираа некои психолози. За жал, сето тоа долго се задржува во детската потсвест бидејќи децата не можат да го интерпретираат тоа што не го разбираат.
Одгледувањето на децата кое е засновано на често користење на новите технологии не е одржливо на долг период. Иднината на децата е загрозена ако нивниот свет се врти околу новите технологии. Во светот веќе покренаа разни програми чија цел е да им се помогне на децата и на родителите преку едукативни работилници, вежби и тренинзи да ги решат проблемите предизвикани од прекумерно користење дигитални уреди.

Ако сето ова не е доволна причина да обрнете внимание на своето дете, имајте на ум дека еден од пионерите на новите технологии не им дозволил на своите деца пристап до интернет во периодот на нивниот развој – Стив Џобс.
Сè помалку има деца надвор, сè помалку има детски џагор. Да се потрудиме да им покажеме дека надворешниот свет е многу поширок, побогат и поинтересен од оној зад екранот.



912

X