Без разлика дали се паметни телефони или таблети, децата се навикнати да играат или да се релаксираат со електронски уреди. Но, дури и ако некогаш се користат за училиште и може да помогнат за истражувачки проекти, сепак, не треба премногу да се користат. Ако за време на распустите, на пример, се изгуби контрола по ова прашање, време е да се одредат некои правила, без да се одрече и потенцијалната корист на уредите.

Неколку правила за да им помогнете

Има еден факт кој треба да послужи како предупредување, а произлегува од  Универзитетот „Бирбел“ во Лондон. Според анкетата што ја спровел, која испитувала деца под 3 години преку прашалник одговаран заедно со родителите, најзначајната штета од злоупотребата на овие алатки лежи во можната редукција на часовите посветени на спиење.

Според резултатите од анкетата, за секој час поминат пред светлото од електронските уреди, времето посветено на одмор се намалува за 15 минути. Вистина е дека можете да се освежите со попладневна дремка, но за време на учебната година подобро е да се пролонгира времето за спиење, особено во текот на ноќта, бидејќи сонот помага во подобрување на меморијата, како и за елиминација на бескорисните информации што се натрупуваат во умот.

Експертите се согласуваат – според Алберто Вилани, претседател на Италијанското здружение на педијатри, децата и адолесцентите треба да го дефинираат времетраењето за користење на паметните телефони.

„Препорачуваме родителите секогаш да одржуваат ефективна комуникација со своите деца, бидејќи добриот однос придонесува за соодветно користење на дигиталните технологии. Но, многу е важно да се утврдат и јасни правила и граници во однос на користењето на електронските уреди“, велат експертите.

Практичен совет за справување со ситуацијата – од многу големо значење е да зборувате. Треба да им се објасни на децата што значи позитивно и интелигентно користење на овие уреди, обрнувањето внимание на објавената содржина и да ги потсетиме дека е важно да ја зачуваат онлајн-приватноста за да се заштитат себеси и своето семејство.

Потоа родителот треба да го набљудува времето што детето го поминува на таблетите, паметните телефони и компјутерите – прво да се научат достапните технологии за да може да се разберат колку што е можно повеќе, а потоа да се користат за играње и споделување активности. Од фундаментално значење е и да се постават правила и граници. Неопходно е да се ограничи времето поминато пред електронските уреди во текот на денот или викендите, да се прецизира времето на забрана, на пример, за време на оброците, додека се пишува домашната задача и при семејни собири. Еднакво важно е да се постави добар пример: од оваа причина, мајките и татковците треба да бидат првите што ќе ја ограничат употребата на паметните телефони кога се со семејството и во текот на оброците.

Ако е потребно, прашајте педијатар

Хиперактивноста концентрирана на паметни телефони може да биде штетна за менталното и физичкото здравје. Па, важно е да се зборува со лекар за деца на оваа тема. Повеќето од истражувањата на оваа тема биле спроведени во САД и азиските земји како Кина и Кореја, кои биле првите што искусиле дифузија од голема мера на дигиталните технологии. Во Кореја – каде што зависноста од паметни телефони е препознаена како реална патологија заедно со зависноста од алкохол и дрога – 8,4 проценти од адолесцентите страдаат од неа.

„Правилата се однесуваат на сите родители кои треба да ги воспитуваат децата преку пример“, вели Елена Бозола од Националниот секретаријат на СИП. Родителите и педијатрите исто така треба да обрнат внимание на некои знаци, како фреквентни болки во грбот, главоболки, промени во распоредот на спиење, печење и солзење на очите, недостиг на интерес и неможност детето да се одвои од паметниот телефон. Понатаму, педијатрите треба да ги проверуваат децата за да ги испитаат овие аспекти, да поставуваат прашања за онлајн-животот на децата, охрабрувајќи ги да формираат вистински односи и да ги информираат за можните последици од несоодветното користење на паметните телефони.

Автор: Џанлука Зомпи

Извор



912

X