Родителите наскоро ќе знаат дека треба да му ја сменат пелената на своето дете уште пред да слушнат плач. Научниците од Универзитетот „Пен Стејт“ создале „паметна пелена“ со вграден сензор кој ќе испрати предупредување до паметниот телефон кога пелената ќе се навлажни.
Истражувачите вградиле четири сензори помеѓу слоевите на пелената за да создадат „паметна пелена“, како што е опишано во списанието „Nano Letters“. Откако пелената ќе се навлажни, графитот во неа реагира со течноста и натриум хлоридот и активира сензор, кој испраќа известување до паметниот телефон, предупредувајќи го родителот дека на бебето му треба промена на пелената.
Паметната пелена дури може да обезбеди информации за тоа колку е влажна пелената, што може да им помогне на родителите да одлучат дали треба веднаш да ја сменат или можат да почекаат уште малку.
„Таа апликација всушност дојде од лично искуство“, вели водечкиот автор д-р Хуанју Ченг, татко на две мали деца. „Не постои лесен начин да се знае колку е влажна пелената и тие информации би можеле да бидат многу вредни за родителите. Сензорот може да се користи и во болници или домови за стари лица и може да помогне во откривање некои големи здравствени проблеми, како што се срцев удар или пневмонија.

„Сензорот може да обезбеди податоци на краток рок, за да предупреди за промена на пелените, но исто така и долгорочно, за да покаже модели кои можат да ги информираат родителите за целокупното здравје на нивното дете“, вели Хуанју.