Психолозите велат дека до 12-годишна возраст родителите имаат пресудно влијание врз децата, а потоа мислењето од врсниците почнува да им значи повеќе од она што го кажуваат мама и тато. За тоа дека и оваа теза веќе не е толку цврста и дека влијанието на родителите сè порано почнува да слабее, сведочат случките во училницата или во училишниот двор, но и битките што секојдневно се водат со првоодделенците во многу домови.

Основците се туркаат во пекарниците, средношколците трагаат по плескавици, палачинки, пици, гиро и топли сендвичи, и така сите заедно се прашуваме зошто децата ни се сè подебели и поболешливи. Здравјето влегува низ устата, ако се храниме здраво. А ако се храниме нездраво, тогаш создаваме предуслови за дебелина, метаболички нарушувања, кардиоваскуларни и други болести во возрасната доба. Кога на тоа ќе се додаде недостигот од физичка активност и прекумерна употреба на компјутер, таблет и мобилен телефон, нема надеж дека нештата набрзо ќе се променат.

Пекарниците им се прв избор на децата бидејќи се околу училиштето

– Тешко дека постои нешто полошо за детето од тесто преполно со нездрави трансмасти и адитиви, особено ако е топло, па само ќе се „протне“ во желудникот. Со листестото тесто според штетноста може да се споредат само наполитанките и продукти пржени во зејтин што одамна поцрнел од честа употреба – вели Марија Прчиќ, нутриционистка, диететичар, специјалист за јавно здравје, и нагласува дека во развиениот и богат свет ужината од дома си ја носат децата на богатите, а не на сиромашните луѓе.

Свесни дека на родителите не им е лесно да се спротивстават на молењето на децата кои побрзо ќе го фрлат сендвичот од нивните мајки и ќе гладуваат отколку да го покажат пред нивните врсници, нутриционистите нагласуваат дека кон решавањето на овој проблем треба да се пристапи системски и да се затворат сите пекарници што работат во кругот на училиштата или училишните дворови.
– Додека не созрееме како општество и не сфатиме колку здравата исхрана е важна за здрава нација, и додека не се избориме со пекарниците и киосците каде што децата купуваат нездрави грицки и газирани сокови, секој родител мора да води своја битка – порачува авторката на блогот www.nutricionistaishrana.com.

Секоја ужина што детето може да ја понесе од дома е подобра од таа што може да ја купи

– Остатоците од гибаница или од питата со јаболка што ја подготвила мајката за вечера, домашни кифлички, домашни крофни, салата со макарони и туна, па и сендвич од две парчиња бел леб се подобри од листестото тесто од пекарниците. Ништо од ова не спаѓа во здрава ужина, но е подобро од купечките производи – вели Марија Прчиќ и предлага неколку продукти што ја задоволуваат нутритивната потреба на учениците.
Сендвич од пилешки или мисиркини гради, парче сирење, но не кашкавал, туку домашно младо сирење, интегрални кифли или две парчиња леб од цело зрно и лист од зелена салата би биле совршена ужина за детето. На сето ова додајте уште две мандарини или едно јаболко или една дланка суво овошје, и ќе го обезбедите со енергија за долгите часови поминати во училиште.
Наместо пилешко или мисиркино месо, може да користите и месо од туна, парчиња туна или намаз од туна, наместо зелена салата – кисели краставички или некој друг зеленчук што му е омилен на детето, па ќе бидете сигурни дека нема да негодува.
– На детето објаснете му дека здравата исхрана е привилегија на освестените, а не на богатите, и дека тоа што јаде ужина приготвена дома нема врска со вашиот материјален статус. Дури и да ви поверува, ќе има потреба да се вклопи во опкружувањето, па на почетокот правете му два или три сендвичи за да може да ги сподели со другарчињата. Малку по малку, и тие ќе прејдат на страната на поборниците за ужина подготвена дома – советува Марија Прчиќ и додава дека треба да се биде трпелив и упорен.



912

X