Како што наближува вечерта, сите родители имаат само една желба – детето што побрзо да заспие и да спие што е можно подобро.

Клучот за ова можеби лежи во – вечерата, односно храната што ја консумираме пред спиење. Иако некои мислат дека овошјето не е најдобриот избор за вечера, се чини дека постојат плодови кои придонесуваат за подобар и поквалитетен сон.

Совети за избор на овошје пред спиење споделува експертот за спиење Макс Кирстен. Еве што треба да им се понуди на најмалите за подобар сон:

Банани

Иако со право се верува дека бананите даваат енергија, па спортистите ги консумираат во клучните моменти кога им е потребна енергија, бананите имаат и друга улога. Кога се консумираат пред спиење, може да дејствуваат слично како мелатонин и да им помогнат на луѓето да спијат добро. Бананите се овошје со високо ниво на магнезиум и калиум, кои можат да ги релаксираат мускулите, како и триптофан, кој се претвора во серотонин во телото и може да помогне за смирување на мозокот. Имате среќа, обично бананите се на врвот на листата со омилени овошја на децата!

Цреши/вишни

Како што многумина веќе знаат, црешите – а и вишните – можат да влијаат врз сонот. Сокот од цреша содржи мелатонин, што го прави одличен избор за подобрување на квалитетот и времетраењето на сонот. Додека, пак, сокот од вишна е дел од вирален тренд каде што луѓето прават мешавина наречена „Коктел поспано девојче“, со цел да им помогне да заспијат. Можеби овој пат тоа ќе биде „коктел заспано дете“.

Ананас

Ананасот содржи мелатонин, витамин Ц, магнезиум и влакна, а сето тоа може да помогне во регулирањето на циклусот сон-будење. Исто така, содржи бромелаин, кој помага да се релаксираат мускулите поради неговите антиинфламаторни својства и може да го олесни спиењето.

Киви

Кивито е полно со витамин Ц и го стимулира производството на повеќе серотонин. Витаминот Ц и повисоките нивоа на серотонин ќе промовираат релаксација и се совршен оброк пред спиење. Многу деца не сакаат да го консумираат поради почетниот непријатен вкус, но ако им се допаѓа – нека навалат!

Портокал

И кај портокалите голема улога игра витаминот Ц. Покрај тоа, природните шеќери во ова вкусно овошје можат да му дадат на телото и умот краткорочно зајакнување непосредно пред спиење, така што ќе бидат подготвени за опуштање. На пример, во форма на активност – нешто како скокање по креветите пред спиење.

Јаболка

Влакната и природните шеќери во јаболката можат да помогнат да се спречи несоницата – или како да се нарече моментот кога децата одбиваат да одат в кревет… Но, тие исто така можат да помогнат да се стабилизира нивото на шеќер во крвта и да се подобри општото расположение на една личност. Па можеби детето доброволно ќе си легне…

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X