Здравје

Овие сексуално преносливи болести можат да влијаат врз плодноста и важно е да се лекуваат

Не е тајна дека сексуално преносливите болести носат цела низа на проблеми и опасности. Иако денес се многу полесни за лекување од порано, сепак, не може без исклучок да се каже дека секоја болест навреме ќе биде дијагностицирана и дека поради правилното лекување нема да остави последици. А бројот на заболени од сексуално преносливи болести, според експертите, е во пораст. Во 2022 година во Велика Британија е забележано значително зголемување од 28,8% во споредба со бројките од 2021 година, а слично е и во САД. Повторно расте бројот на заразени од кламидија, сифилис, гонореја…

Самиот факт што овие бројки се во пораст е загрижувачки, но она што дополнително може да нѐ загрижи е нешто што често се изоставува од приказните и разговорите за сексуално преносливите болести, а тоа е фактот дека тие можат да влијаат врз плодноста, односно неплодноста.

Ова е уште една важна причина зошто треба да внимавате на однесувањето при сексуалните односи и секогаш да реагирате навреме, за болестите да може да се лекуваат пред да станат посериозни. Кои сексуално преносливи болести влијаат врз плодноста?

Кламидија

Ако не се лекува, кламидијата може да се прошири на матката, јајчниците или јајцеводите и да предизвика состојба позната како карлична инфламаторна болест. Воспалителната болест на карлицата може да предизвика тешкотии при зачнувањето, може да го зголеми ризикот од ектопична бременост и неплодност. Симптомите на кламидија вклучуваат болно мокрење, невообичаен вагинален исцедок и крвавење помеѓу менструацијата и по сексуалниот однос.

Гонореја

Гонорејата може да резултира и со инфламаторно заболување на карлицата доколку не се лекува. Ова може да доведе до сериозни проблеми, вклучувајќи долготрајна карлична болка, ектопична бременост и неплодност. Симптомите се слични на оние на кламидија, меѓутоа, пет од десет жени заразени со гонореја нема да имаат очигледни симптоми.

Сифилис

Сифилисот може да влијае и врз плодноста доколку не се дијагностицира и лекува рано. Бремената жена која има сифилис може да му го пренесе на своето бебе пред да се роди. Ова е познато како вроден сифилис. Сифилисот за време на бременоста, исто така, може да го зголеми ризикот од спонтан абортус, предвремено раѓање и раѓање мртво дете. Симптомите на сифилис вклучуваат мали рани на вагината и анусот, бели дамки во устата и отечени жлезди.

Херпес симплекс

Жените што имале генитален херпес пред бременоста обично немаат проблеми со здравјето на своето бебе. Сепак, гениталниот херпес за време на бременоста може да ги стави бебињата во ризик од развој на сериозна болест наречена неонатален херпес. Вообичаени симптоми се вагинална болка, невообичаен вагинален исцедок и треска.

Хуман папилома вирус (ХПВ)

За разлика од претходно споменатите сексуално преносливи болести, ХПВ е честа група на вируси кои не предизвикуваат проблеми кај повеќето луѓе, но можат да доведат до појава на рак. ХПВ е често асимптоматски, но може да се појават безболни израстоци или грутки околу вагината и анусот. Ракот на грлото на матката, ракот на вулвата и ракот на вагината се поврзани со ХПВ. Кај ракот на грлото на матката, абнормалниот раст на клетките може да ги оштети јајчниците, предизвикувајќи неплодност. Ако се дијагностицира во напредна фаза, третманот е обично поинтензивен и може да доведе до неплодност.

Трихомонијаза

Трихомонијазата ја предизвикува паразитот Trichomonas vaginalis. Симптомите вклучуваат болка, оток и чешање околу вагината и болка при мокрење или секс. Жените се изложени на посебен ризик од оваа болест бидејќи нејзините симптоми често се погрешно дијагностицирани или игнорирани кај жените. Ако не се лекува, трихомонијазата предизвикува компликации во бременоста, како што се предвремено раѓање или мала тежина на бебето при раѓање.

Хепатит Ц

Иако технички не е сексуално пренослива болест, хепатитот Ц е вирус кој може да се пренесе преку груб секс и споделување инјекција. Хепатитот Ц, со текот на времето го оштетува црниот дроб и на крајот може да доведе до цироза, што може да предизвика неплодност. Кога инфекцијата со хепатит Ц се јавува за време на бременоста, постои ризик од 4 до 6% дека бебето ќе биде заразено со вирусот. Иако е можно децата природно да се излекуваат од инфекцијата, некои деца ќе развијат хронична инфекција која на крајот може да доведе до оштетување на црниот дроб.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top