Дури и кога не се упатени кон нив, можат да влијаат врз децата. Затоа, бидете внимателни и избегнувајте ги овие реченици пред децата.

Иако намерата несомнено била добра, оној што кажал „не е важно што зборуваш, туку што правиш“ веројатно немал деца… Децата усвојуваат модели на комуникација слушајќи (дури и кога изгледа дека целосно се окупирани во играта, или да бидеме попрецизни, ОСОБЕНО кога изгледа дека целосно се окупирани во играта) што разговараат родителите.
Ако родителите викаат – ќе викаат и децата, ако родителите не се слушаат еден со друг – ни децата не ќе умеат да го слушаат својот соговорник еден ден… Ако вие сте полни со гнев – и децата ќе бидат такви. Ако пцуете – ќе пцујат и тие. Ете, толку е едноставна работата.
Но, понекогаш и безопасните фрази можат да влијаат врз детското доживување на светот… И тоа не на добар начин. Еве што велат психолозите, што е тоа што никогаш не смеете да му го кажете на партнерот/партнерката пред децата:

„Пречувствителна си“

Генерално, никој од нас нема право на друга личност да ѝ одредува како да се чувствува и однесува. Оваа лоша навика на децата им испраќа еднакво лоша порака. „Изјавите како оваа ги омаловажуваат чувствата на вашата партнерка и праќаат порака дека таа нема право да биде вознемирена“, изјави Кимберли Хершенсон, семеен терапевт од Њујорк, за порталот „Fatherly“. „Никој нема право на друга личност да ѝ одредува како да се чувствува во одредена ситуација.“

Не ме интересира“

„Ако вашиот партнер сака да го чуе вашето мислење за одредена работа, изјавите како ‘не ми е гајле’, ‘кој би се грижел за тоа’, ‘тоа не ме интересира’ и слично праќаат сигнал дека не сте заинтересирани, генерално, за што ви зборува некоја личност“, вели Хершенсон. Постојат многу, многу попристојни начини да објасните зошто не ви е премногу важно што ќе вечерате бидејќи: а) сѐ што ќе ви се понуди е вкусно и б) сте имале тежок ден на работа и немате сила да размислувате и за вечерата. И едното и другото се многу попристојни отколку „не ми е гајле“.

„Работам нешто“

Луѓето се сѐ поповрзани, комуникацијата никогаш не им била полесна, а сепак… сѐ повеќе сме осамени. Една од причините е и оваа фраза, за жал. „Кога на партнерот ќе му кажете дека зафатени и ќе продолжите да го работите она што сте го почнале, праќајќи СМС или е-порака, додека нему му е потребен некој одговор од вас во тој момент, праќате порака – сам(а) си во тоа“, објаснува терапевтот. Ова праќа и лош сигнал до децата бидејќи ако и ним така им одговарате, им праќате порака дека не ви се доволно важни за да го одложите телефонот и да слушнете што сакаат да ви кажат.

„Морам да вежбам, се здебелив“

Дури и ако имате вишок килограми, вашите деца никогаш не би требало да чујат дека изговарате таква работа. „Ако вашите деца секојдневно ве гледаат како опсесивно се мерите на вага, ако пред нив кажувате лоши работи за сопствената тежина, за изгледот на вашето тело, може да се случи да развијат искривена слика за тоа како треба да изгледа човечкото тело“, вели д-р Френ Волфиш, семеен терапевт од Лос Анџелес. Многу е важно вашите деца да усвојат здрав стил на живот и да им давате добар пример. Но ако ве слушаат како лелекате поради килограмите и изгледот, тоа само ќе им наштети.

„Убаво ти велев“

Оваа реченица никогаш никому не му донела ништо добро, ниту му помогнала некому. На прв поглед невиниот начин да го потсетите партнерот дека вие сте биле во право, а тој не бил, на децата им праќа порака дека смислата на комуникацијата е во тоа да се „биде во право“.

„Види што направи“

Кога ќе кажете вакво нешто, имплицирате дека грешката сама по себе е голема работа, што во најмала рака е неконструктивно, а попрецизно – сурово и безобѕирно. Фокусирањето на грешката не носи ништо добро ниту некому може да му донесе сатисфакција, велат психолозите. Грешките се начин на децата да им покажете дека од секое искуство може нешто да се научи.

„Ништо не работиш дома“

Бидејќи децата поголем дел од времето го поминуваат дома, вака им праќате порака дека партнерот кој по цел ден е на работа и не се занимава со домашните работи на ниту еден начин не придонесува за вашиот заеднички живот, што е прилично далеку од вистината, мора да признаете.



912

X