Дали некогаш сте вознемирени поради тврдоглавоста на вашето дете? Дали вашата ќерка континуирано не почитува авторитети? Дали вашиот син мрази да го стори она што ќе се побара од него? Ако е така: честитки!

Ако се верува на едно неодамнешно истражување, тврдоглавото дете има поголеми шанси да забележи успех на училиште, а и да заработува повеќе на пазарот на трудот. Откритијата на студијата, објавена во списанието „Развојна психологија“, посочуваат дека тенденцијата за кршење на правилата е во позитивна корелација со заработувањето поголем приход во возрасна доба.

Истражувачите велат дека е така зашто деца што се тврдоглави по природа имаат поголема волја да се борат за тоа што го сакаат.

– Може да се претпостави дека учениците што се тврдоглави може да заработуваат повеќе во иднина бидејќи имаат поголема волја и бараат повеќе во критични моменти, на пример, преговарање за плата. На пример, лицата што имаат ниски вредности во однос на давање согласност, исто така, се покажало дека заработуваат повеќе пари. Друго објаснување може да биде дека лицата што ги кршат правилата и им пркосат на авторитетите, исто така, имаат поголема волја да се борат за своите интереси и цели – карактеристика која доведува до поголеми индивидуални резултати – велат авторите на студијата.

Истражувачите ги проучувале податоците од студија од 1968 година во која учествувале ученици од Луксембург, а биле следени повеќе од 745 учесници сè до нивниот возрасен живот, анализирајќи ги нивните академски и професионални достигнувања. Додека студијата може да понуди олеснување за родителите на тврдоглавите деца, една теорија може да создава и доза на загриженост.

– Исто така, не смееме да го отфрлиме и моментот дека индивидуите што сакаат да ги кршат правилата можно е да заработуваат повеќе и од неетички причини. На пример, истражување во областа на организациската психологија покажало дека вработените се однесуваат неетички или девијантно на работните места кога не се задоволни од својот приход и кога имаат повисоко ниво на љубов кон парите.

Автор: Адам Болт



912

X