Воспитување

Ова се најдобрите начини да им помогнете на децата да разберат дека можат да успеат

Кога нашиот начин на размислување е фокусиран на растот, односно кога размислуваме на таков начин што веруваме дека можеме да растеме и да напредуваме, тогаш веруваме дека нашата способност за учење е неограничена. Од друга страна, можеме да мислиме и дека развојот на мозокот ни е фиксиран, односно дека или сме родени со одредени таленти и сили или не сме и дека не можеме ништо да направиме околу тоа.

Сите ние можеме да размислуваме на двата начини и всушност да се префрламе од едниот на другиот, врз основа на ситуацијата. Клучот е да вложиме напор и да работиме на примена на размислување кое е насочено кон верување дека можеме да растеме и да напредуваме. И токму на тоа треба да ги научиме и нашите деца доколку сакаме да успеат.

Истражувањата покажале дека тоа може драстично да го подобри нивниот став, ангажираност и перформанси. Еве пет начини на кои можете да го поттикнете начинот на размислување за раст кај вашето дете:

Споделувајте приказни за истрајност

Понекогаш децата се засрамени од нивните неуспеси или борби затоа што веруваат дека на возрасните им е лесно. Бидејќи раскажувањето приказни е еден од најмоќните начини за предавање лекции кога станува збор за децата, можете да користите приказни за да им покажете дека тоа не е така и да ги научите како да размислуваат за растот и напредокот. Ваквите приказни им помагаат на децата да видат дека речиси сè што вреди да се прави, обично вклучува малку борба, особено на почетокот.

Разговарајте за вашите омилени грешки

Кога размислуваме на начин на кој веруваме дека можеме да растеме, тогаш не се плашиме од грешките, затоа што не веруваме дека тие ја одразуваат нашата вродена способност. Наместо тоа, ние ги гледаме погрешните чекори како можности за учење. Наведете му ги омилените грешки на детето и често повторувајте ги. Можете дури и да направите листа со вашите омилени грешки. Целото семејство може да го прави тоа, на пример, за време на заедничките оброци. Секој член од семејството нека каже за својата омилена грешка, а дел од приказната нека биде она што го научил од неа. Ова можат да бидат лесни, забавни разговори каде што можете да се смеете на направените грешки. Преку овие разговори можеме да ги прифатиме нашите грешки и да го прифатиме она што тие можат да нѐ научат.

Потсетете ги децата колку далеку стигнале

Децата често се фокусираат исклучиво на неуспехот или борбата што ја доживуваат во сегашниот момент, губејќи го од вид успехот што го постигнале во минатото. Ако вашето дете се чувствува обесхрабрено, потсетете го за патот по кој тргнало на почетокот и на препреките што ги надминало за да стигне таму каде што е сега. На пример:

-Се сеќаваш ли кога ти беше тешко да научиш да читаш? Сега сам читаш цели поглавја!

Многу деца, од мали деца до тинејџери, сакаат да се потсетуваат на тоа какви биле кога биле помлади и како се развивале со текот на времето. Овој разговор покажува и дека ги цените како поединци со свои траектории на раст.

Прашајте ги вашите деца за што им треба поддршка

Ако сакате да проверите дали има област каде што на вашето дете му треба дополнителна поддршка или помош, обидете се да прашате нешто од типот:

-Со какви предизвици се соочуваш во моментов?

Кога ќе го прашате детето на овој начин, ќе му дадете до знаење дека секој од нас во одреден момент се бори со нешто. Можете, исто така, да споделите нешто со кое што вие се мачите, а потоа да го прашате детето со што се соочува. Кога му помагате на вашето дете да го искористи својот начин на размислување за раст и напредок, тоа не е само заради охрабрување или за да се труди повеќе. Поентата е да му дадете до знаење на детето дека ги има ресурсите и поддршката што му се потребни за да биде успешно.

Нека биде забавно

Обликувањето на начинот на размислување на вашето семејство е групен напор, но не мора да биде сериозен или тежок. На пример, една активност која може да биде и забавна и ефикасна е да се вклучи целото семејство во смислувањето семеен слоган или мантра, како што е на пример: „Сакаме да учиме!“ или „Можеш да растеш!“

Кога гледаме на учењето и растот како на задоволство, поверојатно е да сакаме да ја завршиме работата која е потребна за да ја постигнеме целта.

Автор: Луна Николиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top