Ова е тој период од годината кога родителите вадат стари украси, внесуваат живи елки кои имаат мувла и полен и ги изненадуваат своите деца со ново маче или кученце на божиќното утро. Празниците се полни со предизвикувачи на астма кај децата.
Предизвикувачите на астма варираат од личност до личност, изјавила Кристи Милер, портпаролка на Агенција за заштита на животната средина. Сепак, најчестите предизвикувачи во затворен простор вклучуваат чад од цигари, првут од домашни миленици, мувла, грини од прашина и измет од штетници. Во зима, кога луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории, важно е да се намали изложеноста на овие предизвикувачи.
Како можете да им помогнете на вашите деца да уживаат во празниците без симптоми на астма? Експертите даваат совет како да ги избегнете најчестите предизвикувачи на астма за време на празниците, па целото семејство да ужива во празничната магија.
Настинка
Предизвикувачи може да бидат респираторни инфекции кои се вообичаени во зима, особено за време на празниците кога семејствата патуваат и се во контакт со други кои може да имаат настинка. Нападите на астма често се предизвикани од инфекции, вели Ричард Хонсингер, доктор по медицина.
За време на празниците има зголемување на респираторните инфекции бидејќи луѓето патуваат и споделуваат вируси кои ги влошуваат симптомите на астма.
Како можете да им помогнете на вашите деца да избегнат респираторни инфекции?
Најдобрата опција е да останете дома за празниците или да внимавате децата често да си ги мијат рацете. Правилното миење на рацете со топла вода и сапун најмалку 15 секунди може да го намали бројот на бактерии кои децата ги собираат во текот на денот, што пак го намалува ризикот од настинки и предизвикувачи на астма.
Домашни миленици
Да му дадете на детето кученце или маче за Божиќ звучи како прекрасна идеја, но не заборавајте дека домашните миленици се покриени со крзно што може да биде предизвикувач на астма.
Родителите често му даваат на своето дете куче за Божиќ без да знаат дали е алергично, вели Хонсингер. Во зима, домашните миленици се почесто во затворени простории, па влакната им се шират во куќата, што може да предизвика алергии и астма.
Ако вашето дете има астма, егзема или други алергии, се препорачува да го тестирате вашето дете за алергии на домашно милениче пред да одлучите да земете нов миленик.
Елка
Самата жива елка можеби нема да предизвика напад на астма, но она што е на неа може. Божиќните елки често имаат остатоци од мувла или полен, а многу луѓе со астма имаат тешкотии со дишењето кога ќе ја внесат елката во куќата, објаснува Хонсингер.
Не заборавајте и на украсите – проблем може да бидат и правливите украси од подрумот. Пред да го поставите дрвото, избришете го со влажна крпа за да ги отстраните надворешните алергени. Темелно исчистете ги кутиите за украси и измијте ги лампионите пред да ги ставите на елката.
Камин
Иако каминот звучи како пријатно место за релаксација по божиќната вечера, може да предизвика симптоми на астма.
Камините и печките кои испуштаат чад може да ги влошат симптомите на астма, вели Хонсингер. Тоа не е вистинска алергија, но знаеме дека честичките во воздухот или запалените материјали предизвикуваат влошување на симптомите на астма.
Пред да ги посетите роднините кои пушат или имаат камин, погрижете се вашето дете да ги има потребните лекови и да биде подготвено да си оди дома ако симптомите на астма станат сериозни.
Ладен воздух
Ладниот воздух, исто така, може да предизвика астма кај децата. Сувиот, ладен воздух може да предизвика стегање во градите и да предизвика симптоми на астма.
Научно е потврдено дека дишењето ладен и сув воздух ги влошува симптомите на астма, објаснува Хонсингер. Ги возбудува рецепторите во белите дробови, што брзо може да доведе до напад на астма.
За да го спречите ова, погрижете се вашето дете да носи шал преку устата и носот додека си игра надвор. Шалот помага да се загрее и навлажнува воздухот што вашето дете го дише, што ја намалува веројатноста за појава на симптоми на астма. Ако детето си игра надвор, следете ја брзината на протокот на воздух со помош на мерач на проток и давајте лекови по потреба.
Бидете подготвени за секој предизвикувач на астма
Не заборавајте дека педијатриските ординации и локалните аптеки може да имаат нередовно работно време за време на празниците, затоа бидете подготвени. Погрижете се да имате доволно лекови во случај на симптоми на астма.
Ако вашето дете користи инхалатор, проверете дали го имате при рака за да можете веднаш да започнете со лекување доколку симптомите на астма станат сериозни.
Автор: Томислав Станиќ
912