Повеќето родители не сакаат да признаат, а уште помалку да поработат на себе и своите недостатоци, туку бараат од психологот да го поправи однесувањето на детето.

Проблематични деца или проблематични родители?

Праксата на секој психолог изобилува со молби на родителите кои се сведуваат на барање помош: „Помогнете, имам проблематично дете!“, „Мојот син е надвор од контрола, што да правам?“

Дали постојат проблематични деца? На ова прашање одговорот е само еден – не. Постојат само проблематични родители. А детето е огледало на семејството во кое, ако внимателно се погледне, се одразува сè: личните проблеми на родителите, брачните односи, односите помеѓу родителите и децата, несогласувањата и конфликтите.

Имајќи го тоа предвид, не треба ниту да се нагласува дека тоа огледало е најчесто криво. Таа искривеност се манифестира токму во неконтролираното и негативното однесување на детето. Понекогаш таквото однесување може да се ублажи или дури да се искорени. Во тоа помагаат позитивните промени во семејните односи и работата на внатрешните проблеми на самите родители. И двете корисно влијаат врз формирањето на личноста на детето.

Меѓутоа, за жал, тоа ретко се случува. Зошто? Затоа што повеќето родителите не сакаат да признаат, а не пак да работат на себе и своите недостатоци. Многу често им е потребен психолог да го поправи однесувањето на детето. И колку повеќе работите со младите, толку повеќе сте сигурни дека тие не се „тешки“, само на многумина од нив им е потребно поздраво опкружување. Додека меѓу родителите „тешки случаи“ има повеќе отколку што сте мислеле. Еве неколку примери од таа шареноликост:

„Великодушни“ родители

„На моето дете не смее ништо да му фали и ќе добие сè што ќе посака!“ – тоа е мото и животен принцип на овие луѓе. Тоа не значи дека се работи за луѓе што не знаат што да прават со парите. Напротив, често тоа се обични граѓани со средни или ниски примања. Меѓутоа, тие сметаат дека ако нивното дете нешто посакало, тоа треба тоа и да го добие, без разлика дали навистина му треба или не. Таквите родители постојано го мешаат сакањето со купувањето. Наместо да обрнуваат внимание на детето, да му го подаруваат своето време, да го наградуваат со својата љубов, да му даваат топлина и нежност, тие му купуваат играчки, и тоа од оние скапите (често потсвесно мислат – само што подолго да не ми приоѓа и да не ми пречи за да се одморам или да работам), му најмуваат дадилка (задолжително е да е високо образована – детето да се развива интелектуално и да биде воспитано).

Би можел да се купи и приватен наставник, психолог, педијатар, тренер. Па човекот да рече: „Сега детето има сè и јас конечно може да се насочам кон правењето пари – сепак, детето расте, а со самото тоа растат и неговите потреби! Треба да се заработи за автомобил, стан, престижен факултет и уште 300 чуда неопходни за формирање на личноста на детето. И, се разбира, ако некој се обиде малку да го вразуми таквиот родител, како одговор сигурно ќе чуе: „Не може да се биде среќен и сиромашен“. Иако францускиот филм „Играчка“ вели дека може…

„Грижливи“ родители

Кај овој тип родители секоја мисла за детето е проткаена со грижа. „Ќе настине, можеби има глисти, ќе се повреди, може да се исплаши“ итн. И чудото да биде поголемо, детето како да е помирено со таа најавена неминовност, па настинува (ако не е вакцинирано, имунитетот му е слаб), излегува дека има глисти, се плаши од сè и сешто – мрак, лекар, животни итн. Но, најлош страв (во смисла на последици) е стравот дека детето нема да може нешто да направи (да ги врзе врвките, да вози велосипед со две тркала, да користи телефон). И бидејќи не може само, треба да му се помогне! Па му помагаат, помагаат… Родителите од овој тип би било добро да ја прочитаат книгата на Анатолиј Некрасов „Мајчинска љубов“ и да размислат за тоа од каде потекнуваат фразите „мамин син“ или „татина ќерка“?

„Изморени“ родители

Овие родители се измориле уште пред раѓањето на детето. Вооружени со илузии за семејниот живот и одгледувањето дете и соочени, според нивното мислење, со „тешкото и сурово секојдневие“, го губат интересот за брачниот живот и за воспитување на своето дете. Таквите родители постојано повторуваат: „Не трчај!“, „Не качува сеј!“, „Немој ова, немој она!“, „Пушти ме!“, „Сега ќе те казнам!“ И она познатото: „Цркнав од замор (од тебе)!“ Запомнете, најлошата работа за детето, па дури и за возрасното лице е невниманието од другата личност, и тоа блиска личност. А за да го привлече вниманието, детето е подготвено на сè. За него е од животно значење родителите да му посветат внимание! Дури и не е важно дали тоа внимание ќе биде во негативен облик, како навреда или некој вид казна или позитивна критика. Детето едноставно бара начин да им го привлече вниманието на мајката и таткото на себе.

„Родители перфекционисти“

„Мораш да бидеш најдобар/а!“ – тоа е нивното мото. Таквите родители по правило имаат најмалку две факултетски дипломи и фантазираат за докторат, во најдобар случај работат како асистенти на некоја катедра. Настојуваат да го запишат детето во најпрестижната градинка, каде што од малечки учат странски јазик и геометрија. Што се однесува до изборот на училиште, се разбира дека ќе се совладаат сите препреки: ќе се вози детето преку цел град, ќе се ангажираат приватни наставници за да се „држи нужното ниво“.

По нивно мислење, само одличниот успех е доволно добар. Да, и училишната програма и план би требало да бидат најпримерни, и се разбира најефикасни во поглед на создавање вундеркид. На нивно незадоволство, некои наставници „не се воопшто свесни“ и не сакаат да сфатат колку е посебно нивното дете. Напротив, тие како намерно да се обидуваат да му наметнат на детето предмети кои „не се важни, ниту потребни“, туку крајно непотребни и примитивни, па со тоа го попречуваат, му одземаат време, му го намалуваат просекот на детето.

„Родители губитници“

Парадоксално е што овие родители навидум постигнале многу нешта. Меѓутоа, ако внимателно погледнете, во нивното однесување ќе видите стигма на некоја неостварена желба. Професионален спорт, голема сцена, подиум, индивидуални изложби на уметнички дела – сето тоа не им дава мир на амбициозните татковци и мајки. Некогаш одамна нивната мрзливост, недостиг на мотивација, недостиг на поддршка, заедно со другите „објективни“ причини, не дозволиле тие желби да се остварат. Затоа на своите деца ќе им го „подарат или всадат“ својот сон. Како резултат на тоа, пред нивните деца се остваруваат „одлични“ можности: тие можат не само да учат, туку и по 10 часа дневно да се занимаваат со некоја наука, спорт итн., да заборават на бескорисната игра, да не се дружат со врсници и да не помислуваат на обичните работи што ги сакаат децата, сопствените хобија и забавата. Ако со некое чудо успеат да избегнат општа исцрпеност на нервниот систем, невроза или психосоматоза, им останува надежта дека на крајот ќе го остварат својот сон. Поточно, сонот на нивните родители, но тоа веќе не е ниту важно… зарем не?!

„Родители – шпекуланти или манипулатори“

За ваквиот родител детето претставува „средство“ за помош со кое тој влијае врз другите: сопружникот, родителите, роднините. Не е тоа заради мене, тоа е заради детето!“ – така едниот родител му се обраќа на другиот. И колку детето е понемоќно или соматски послабо, толку е поголема можноста ваквиот родител да влијае врз останатите членови на семејството. Понекогаш таквите родители упорно доживуваат деструкција во семејството, поврзувајќи ги сите постојни проблеми со детето.

И така, од раѓање сме опкружени со најблиските кои ги имаат горенаведените проблеми, растејќи во опкружување кое нималку не го погодува психолошкиот комфор, нашите деца се обидуваат да се одбранат од таква реалност. Тогаш во нив се покренуваат или несвесни одбранбени механизми или копирачки стратегии – свесни методи за заштита од реалноста што ги опкружува, обиди за рационализација на своето однесување, избегнување на размислувањата за сопствените постапки и желба да се побегне од осаменост или грижа.

А што правиме ние, родителите? Соочени со овие и слични видови однесување (вклучувајќи ги и разните видови зависности, немање волја за учење, склоност кон асоцијално однесување итн., со тоа што тука не зборувам за деца со здравствени проблеми), гласно си кажуваме на себеси и на оние околу нас „Моето дете е проблематично!“ И никогаш ниту на момент не дозволуваме ниту зрно сомнеж: „А да не сме ние родителите проблематични?“

Автор: Викторија Нагребецкаја, семеен терапевт и развоен психолог

Извор



912

X