Периодот околу празниците е најубав во годината. Особено кога си дете. Нема поголема возбуда за децата од подароците што ги добиваат под накитената новогодишна елка. Навистина тоа е магично време.

Но, празниците може да бидат и исцрпувачки. Не само за родителите, туку и за малите деца. Во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“, која има 27 илјади споделувања, Естер Совербај нè потсетува сите дека треба да направиме пауза и да запомниме дека празничниот период може да биде исцрпувачки и за малечките. Затоа треба да им се покаже грижа и љубезност на дечињата. Таа ја почнува својата објава со:

„Бидете љубезни со мене… од гледиштето на едно мало човече“.

Потоа потенцира неколку работи што родителите треба да ги запомнат во врска со нивните деца. На пример, на моментите кога детето ќе изеде премногу слатки.
„Веројатно сте ме оставиле да изедам повеќе слатки од вообичаено – па сега имам подеми и падови во расположението“, пишува Естер.

Тоа значи дека вашето дете може во еден момент да биде вистински „ангел“, а во друг да биде немирно и диво. Нема нешто помеѓу. Можеби добро би било да се намали количината на изедени слатки за празниците. Обидете се, исто така, да го намалите бројот на празнични изненадувања. Иако може да биде забавно, сепак, со неизвесноста и менувањето на рутините децата може тешко да се справуваат.

Не потценувајте ја важноста на спиењето и распоредот за самото спиење. Естер, исто така, потсетува и на подготовките на вашите деца за разочарувањата во текот на празниците. Сепак, сите идеи во врска со Дедо Мраз може да бидат забавни, но тоа не значи дека детето ќе добие сè што ќе посака за време на празниците.

Децата често не сфаќаат колку се скапи предметите што ги сакаат. Естер пишува:

„Немам поим колкава е вредноста на парите – ако нема начин на кој може да ги добијам посакуваните лего-коцки, тогаш ве молам кажете ми го тоа пред празниците. Ќе имам време да го совладам разочарувањето и да научам да ѝ верувам на вашата искреност“.

фото извор: „Фејсбук“

Сепак, родителите не можат да контролираат баш сè. Децата се деца. Ќе имаат промени во однесувањето. Ќе остануваат до доцна, ќе бидат премногу возбудени за да заспијат. А сето тоа ќе доведе до губиток на нивната енергија. Во одреден момент многу е веројатно дека ќе бидат исцрпени. Но, и во тие моменти им е потребна љубов.
„Кога ќе бидам исцрпен, што сигурно ќе се случи во одреден момент, ве молам не засрамувајте ме поради моите чувства викајќи ми. Никогаш не сакам намерно да ве разочарам и да ви ги уништам празниците“.

Нашите мали деца не се ужасни. Тие не сакаат намерно да го уништат сето она што родителите се обидуваат да го направат да изгледа магично и празнично. Тие едноставно се изморени и премногу возбудени. Па, кога ќе настане тој празничен хаос, вие едноставно сакајте ги:

„И кога сè друго ќе пропадне, ставете ги рацете околу мене и прегрнете ме за да ја чувствувам силата на вашата љубов“.

Автор: Хајди Хем



912

X