Сите деца се различни. Некои се екстроверти, некои интроверти. Но, без разлика на тоа, важно е тие да се чувствуваат безбедно во нивната околина и да знаат дека нивните родители ги сакаат такви какви што се. Детскиот терапевт Џесика Вандервиер неодамна сподели на „Инстаграм“ дека и таа била срамежливо дете. Открила еден начин на кој нејзините родители ѝ помогнале да порасне во самоуверена личност.
„Кога бев дете, бев многу срамежлива. Често се чувствував несигурно во поголеми групи или јавни средини“, напишала Вандервиер во објавата. Споменала дека родителите можеле да ја натераат да биде комуникативна, но не го сториле тоа.
Освен тоа, таа се осврнала на една работа што ја применуваат многу родители, а тоа се споредбите. „Моите родители можеа да се обидат да ме променат и да ми кажат: Треба да бидеш поотворена како брат ти, но не го сторија тоа“, навела таа.
Споделила една реплика со која нејзините родители успеале да ја охрабрат:
-Наместо тоа, тие ми рекоа: „Ти си мудра и во ред е да си дадеш време. Веруваме дека ќе знаеш кога ќе бидеш подготвена за игра“.
Таа тврди дека тоа ѝ помогнало да излезе од зоната на удобност. Иако срамежливоста не исчезнува преку ноќ, Вандервиер објаснува како оваа реченица ја зголемила нејзината самодоверба. Во објавата таа напишала: „Понекогаш зборував многу, а понекогаш воопшто, но секогаш се чувствував безбедно“.
Заклучува дека срамежливите деца често се погрешно разбрани, а родителите се обидуваат да им наметнат екстровертност, што може негативно да се одрази врз нив.
912