Отворањето на училиштата по карантинот генерално не е поврзано со зголемувањето на стапката на Ковид-19, покажува истражување спроведено во 191 земја, но карантинот зад себе ќе остави пандемичен долг на учењето од 300 милијарди пропуштени училишни часови.

Во анализата на независната фондација за образование со седиште во Цирих, „Увид за образованието“, се вели дека децата во посиромашните земји ќе ги загубат тие 300 милијарди часа и се предупредува дека други 711 милиони ученици и понатаму не се на училиште.

– Се претпоставува дека отворањето на училиштата ќе поттикне ширење на инфекцијата, а дека затворањето на училиштата ќе го намали пренесувањето, но реалноста е многу посложена – вели основачот и извршен директор на „Увид за образованието“, Ранда Гроб-Закхари.

Огромното мнозинство – 92 отсто од земјите што го поминале првиот бран на инфекција со Ковид-19 почнаа повторно да ги отвораат училишните системи, иако некои бележат втор бран.

Од организацијата тврдат дека 52 земји утврдиле дека нема силна корелација помеѓу училиштето и заразата и дека е потребно да се земат предвид и други фактори.

– Сега е клучно да се научи од оние земји што ефикасно се отвораат, без оглед на поголемиот број заразени – вели Захари.

Исто така, било утврдено дека земјите развиле стратегии за време на пандемијата – вклучувајќи и земји како Италија и Франција кои наредиле привремено затворање на одредени училишта по потреба.

Другите мерки вклучуваат маски, ротација на одделенија и комбинирана настава: физичко присуство и онлајн-настава.

– Овој прв вистински глобален тест покажува како изгледа едно училиште во ерата на Ковид-19. Разбирањето на начините како се справуваат земјите каде што се случува вториот голем бран во оваа нова нормалност во училиштата е клучно за донесување идни одлуки за повторно отворање и за помош училиштата да останат отворени – додава таа.

Извор: hr.n1info.com


912

X