Меги Даунс, писателка и мајка на едно дете, одлучила да го сподели своето мислење за тоа зошто децата не би требало да ги отвораат роденденските подароци на прославата:

„Кога наполнив 6 години, моите родители ми ја организираа последната роденденска забава што ја имав. И сега се сеќавам зошто така одлучија. Мојот роденден е во јули, така што многу мои пријатели од градинката беа надвор од градот, на летен одмор. Мајка ми ги покани сите деца од соседството. По колачите и тортата, борбата со водени балони и трчањето низ дворот со прскалки, сите се собравме околу масата заради главниот настан – да ме гледаат како ги отворам подароците. И тоа е моментот кога работите тргнаа наопаку. Добив неколку боенки, чадор, кукла и нацртани камења залепени на парче картон. Нацртани камења? Не сфатив. Каде е тука подарокот? Ги погледнав камчињата и ги одлепив од картонот пред да ги фрлам на земја.
Се разбира, уништив ракотворба, за која тогаш не сфаќав што е. И тогаш го подигнав погледот и имав што да видам. Мојата мајка се вџаши од моето однесување. И соседите што го изработија тоа дело исто така беа вџашени. Девојчето плачеше, а на момчето му беше многу непријатно. Никогаш нема да го заборавам тој момент.
Сега и јас сум мајка. Досега успевав да ги избегнам роденденските прослави на мојот син бидејќи едноставно не беше доволно возрасен за нив. Но оваа година полни три години и веќе е свесен за тоа. Секој ден ме прашува за роденденската прослава.

Мојот шести роденден покажа зошто децата треба да го прескокнат отворањето на подароците:
* Затоа што другите деца може лошо да се чувствуваат. Проверено!
* Затоа што фокусот е само на подароците, кои се најмалку важни. Проверено!
* Затоа што се врши притисок врз децата. Дефинитивно проверено!

Растев во скромно соседство и иако никогаш со сигурност нема да знам зошто моите соседи ми подарија нацртани камења за роденденот, уверена сум дека тоа имаше врска со семејните примања. Мојот одговор на таквиот подарок беше крајно безобразен и јас многу лошо се однесував, но во тоа време создадов одредена идеја како треба да изгледа еден „вистински“ роденденски подарок и, се разбира, никогаш не ми падна на памет зошто некој не би ми подарил токму таков. Исто така, бев премлада за пристојно да го прифатам подарокот, со „покерашка фаца“, ниту пак знаев што значи тоа.
Постојат толку елегантни начини како да пристапите кон ова сценарио кое не вклучува отворање подароци. Можете во поканата да наведете дека не очекувате подароци. Или наместо подароци, дека собирате донации за добротворни цели, па секој да донира колку што може. Или можете да организирате размена на книги наместо подароци. Но, наједноставно од сè е да се договорите со детето дека подароците ќе ги отворите по завршувањето на прославата.
Сакам да мислам дека син ми би бил среќен кога би добил нацртани камења за подарок од своите пријатели, но не сакам да го ставам во таква ситуација. И оваа година, кога ќе ја има својата прва роденденска прослава, ќе имаме прослава, но ќе го прескокнеме отворањето подароци.

 



912

X