Воспитување

Отсуството од работа ќе се докажува со потврда од градинка или училиште. Неослободување се пријавува на 151 31

Од МТСП укажуваат дека ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10-годишна возраст

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги повикува сите вработени и сите работодавци строго да се придружуваат до мерките што ги донесе Владата на седницата одржана на 10 март 2020 за превенција од ширење на болеста Ковид-19 (коронавирус).

Се дозволува платено отсуство на 1 родител на деца до 10 години во текот на наредните две недели, како и на родител на дете постаро од 10 години со попреченост кое оди во дневен центар, откако Владата одлучи да не работат образовните институции во наредните 2 недели.

Секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10-годишна возраст да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31.

– Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот-корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Тие ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата – информираат од МТСП.

Во однос на прекинот на работата на дневните центри за згрижување лица со попреченост, од МТСП укажуваат дека ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10-годишна возраст. Родителите треба по истиот принцип наведен погоре да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.

– Уште еднаш апелираме до сите граѓани да се придржуваат до препораките, само заеднички можеме да се заштитиме и да го заштитиме заедничкото здравје – потенцираат од МТСП.

Поврзани написи

To top