Оваа млада готвачка научила дека не постои такво нешто како лош публицитет. Ејва, малечко девојче од Саутфилд, Мичиген, и нејзиниот ресторан „Кујната на Ејва“ станале вирални откако нејзиниот татко Кристофер Кајл го посетил ресторанот и оставил одлична оцена.
Таткото, кој е претприемач и сопственик на бизнис, го објавил неговото искуство во ресторанот на својот профил на „Инстаграм“.
– Се обидов да поддржам друг бизнис во сопственост на претставник од црната раса. Името му е – Кујната на Ејва – отворена на крајот од април. Се работи за многу чисто место, но почекајте само да ви кажам за сопственикот. Прво, прашав зошто има балони на мојот стол, а не ми е роденден? Сопственичката ми рече: „Гледај си ја работата, тие се за мама“.
Слаткиот коментар на сопственичката не е единствениот смешен и искрен фидбек кој таткото на Ејва го соопштил.
– Ја чекав нарачката 45 минути, а бев единствениот гостин. На почетокот имаше напредок, но потоа направи пауза од 20 минути за да гледа „Патролни шепи“.
Не е јасно што нарачал Кајл, или дали конечно јадел, но тој ја завршува својата објава со признанието:
– Сè на сè, услугата може да биде подобра.
На крајот тој објавил дека чекањето се исплатило бидејќи готвачката била преслатка.
Гордиот татко рекол дека на ресторанот ќе му даде втора шанса. Пораката и неговите оцени за ресторанот на ќерка си почнале да се споделуваат на социјалните мрежи со брзина на светлината.
Во интервју, Кајл рекол дека е воодушевен од позитивните реакции на интернет. „Добивавме коментари од Бразил, од Канада и од многу други земји од светот – ова е лудо. Мислам дека на луѓето им е потребна позитивна точка на која ќе се насочат и ќе се смеат и од која ќе бидат охрабрени“, рекол Кајл.
Изгледа дека оваа постапка ѝ помогнала на Ејва да си опстои во бизнисот, и покрај не толку добрата услуга. Во следна објава Кајл споделил фотографија од Ејва која стои во својата кујна, а редица кадифени животни (играчки) го чекаат трпеливо својот оброк.
Автор: Александра Деблер