Здравје

Отровни честички од загадениот воздух пронајдени во белите дробови и мозокот на бебиња во утробата

Отровните честички од загадувањето на воздухот се пронајдени во белите дробови, црниот дроб и мозокот на бебињата во утробата, долго време пред да дојдат на овој свет.

Истражувачите предупредуваат дека најновите наоди се многу загрижувачки бидејќи периодот на развој на фетусот е најранливата фаза на развојот на човекот.

Во секој кубен милиметар ткиво се пронајдени илјадници црни јаглеродни честички, кои мајката ги вдишувала за време на бременоста, а кои потоа преку крвотокот и плацентата преминале на плодот.

Уште пред да се родат се жртви на загадениот воздух

Одамна е познато дека загадениот воздух е поврзан со зголемен број спонтани абортуси, предвремени породувања, мала тежина на бебињата при раѓање и нарушен развој на мозокот. Но, една нова студија обезбедува директен доказ за тоа како се јавува оваа причинско-последична врска. Научниците велат дека загадувањето може да предизвика доживотни здравствени последици.

Саѓите се создаваат по согорување на фосилни горива и предизвикуваат разни воспаленија и пренесуваат токсични хемикалии. Студијата е спроведена помеѓу мајки непушачи во Шкотска и во Белгија, места со релативно ниско ниво на загаденост на воздухот.

– Првпат покажавме дека црните јаглеродни наночестички не само што влегуваат во плацентата во првиот и вториот триместар од бременоста, туку и го наоѓаат својот пат до органите на фетусот во развој – вели професорот Пол Фаулер од Универзитетот во Абердин. Шкотска.

– Уште позагрижувачко е откритието дека овие честички влегуваат и во човечкиот мозок во развој. Ова значи дека е можно овие наночестички директно да комуницираат со контролните системи во човечките фетални органи и клетки – додава професорот.

Црните јаглеродни наночестички продираат во плацентата

Професор Нуро смета дека владите се одговорни за намалување на загадувањето на воздухот, но и дека луѓето треба да избегнуваат фреквентни патишта секогаш кога е можно.

Честичките од загадениот воздух во плацентата првпат беа откриени во 2018 година од страна на професорот Џонатан Григ од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон и неговите колеги.

– Пронаоѓањето саѓи во мозокот на фетусот го зголемува ризикот бидејќи тоа потенцијално има доживотни последици врз детето. Тоа е загрижувачко, но сè уште не знаеме што се случува кога честичките ќе се заглават на различни места и полека ги ослободуваат своите хемикалии, што значи дека се потребни повеќе истражувања – вели професор Григ.

Сеопфатен глобален преглед од 2019 година покажа дека загадувањето на воздухот може да го оштети секој орган и практично секоја клетка во човечкото тело. Утврдено е и дека мали честички ја преминуваат крвно-мозочната бариера и дека милијарди биле пронајдени во срцата на младите жители на градот. Повеќе од 90 отсто од светското население живее на места каде што загадениот воздух ги надминува нивоата дадени од Светската здравствена организација (СЗО), предизвикувајќи милиони предвремени смртни случаи секоја година.

Новото истражување, објавено во списанието „Лансет планетари хелт“, откри честички од загадувањето на воздухот во секој испитан примерок од белите дробови, црниот дроб и мозочното ткиво, како и во крвта од папочната врвца и плацентата. Концентрацијата на честички била поголема кога мајката живеела во средина со повисоки нивоа на загаденост на воздухот во споредба со другите мајки вклучени во студијата.

Извор

Поврзани написи

To top