Многу е важно родителите да препознаат кој вид интелигенција го поседува нивното дете за да му помогнат правилно да ја развива

Уште од настанувањето на првиот тест за мерење на интелигенцијата во дамнешната 1904 година, интелигенцијата исклучиво се поврзувала со школскиот успех. Но, Хауард Гарднер, американски психолог и професор на „Харвард“, направил голем пресврт на таквиот став, посочувајќи дека тестовите на интелигенција не го земаат предвид широкиот опсег на другите способности што ги имаат луѓето, како ни влијанието на културата.

Постојат осум вида интелигенција

Така настанала теоријата за повеќекратна интелигенција според која постојат осум вида интелигенција, за во последниве неколку години да се додаде и еден нов, деветти вид.
Според Гарднер, интелигенцијата е способност за решавање проблеми кои се проценуваат во едно или во повеќе културни опкружувања. Всушност, никој пред него не забележал дека културните вредности влијаат врз тоа дали човекот воопшто ќе има можност да извршува задачи кои ќе му помогнат да развива некои вештини, а со тоа и одредени видови интелигенција.
Сите осум (девет) вида интелигенција за кои зборува Гарднер меѓусебно се поврзани и нужни за продуктивно дејствување во социјалната средина. И човекот ги поседува сите видови, но потребно е да работи на нивно натамошно развивање за да открие на кое поле е најдобар. Притоа, клучно е забележувањето на фактот во што сме најдобри, а во што сме најслаби.

Денес наставниците се обидуваат со помош на школските задачи да го поттикнат развојот на сите осум (девет) вида интелигенција, приспособувајќи ги содржините кон различни ученици. Меѓутоа, тоа не е случај со сите наставни предмети, а во голема мера зависи и од личните карактеристики на наставникот и неговото сфаќање на интелигенцијата.
Затоа, како и секогаш при воспитувањето, клучна улога имаат родителите.
Токму од таа причина ќе ги опишеме поединечните видови интелигенција и ќе ви пренесеме идеи како можете да го поттикнете развојот на одреден вид интелигенција кај вашето дете.

1. Вербално-лингвистичката интелигенција се однесува на добрата способност за користење зборови, синтагми и реченици, во пишана или во говорена форма. Децата што поседуваат ваков вид интелигенција сакаат да размислуваат низ зборови. Често може да се забележи дека при играњето со други деца кај нив доминираат објаснувањето и опишувањето на она што го работат, а истовремено ваквите деца се вљубени во книгите.
Затоа им е потребно што повеќе да читаат, обезбедете им тетратки да ги забележуваат своите мисли, осмислувајте заедно со нив игри со зборови, дајте им букви со кои ќе можат самите да создаваат нови зборови и слично, запишете ги во училишта за странски јазици или во работилници за креативно пишување.

2. Логичко-математичката интелигенција се поврзува со користењето броеви, добро уочување на причинско-последичните врски, логичкото размислување и способноста за откривање обрасци. Децата кај кои е изразен овој вид интелигенција сакаат да решаваат ребуси, гатанки, мозгалки и да создаваат сопствени шифри. Ги интересира и како изгледа вселената, зошто тревата е зелена или како се класифицираат цицачите.
Нивната желба за знаење ќе ја задоволите со посети на музеи и опсерватории, па дури и со купување играчки како пакети за изработка на вулкани, хемиски експерименти приспособливи на нивната возраст и слично.

3. Ако детето има чувство за бои и линии, ако покажува смисла за графичка презентација на идеи преку цртежи или добро се снаоѓа во нов простор, кај него е развиена просторната интелигенција.

На такво дете му требаат коцки, што повеќе прибор за цртање и сликање, прибор за изработка на модели и макети (можете да се послужите и со обични картонски кутии) и сложувалки, но не заборавајте и на посети на музеи на уметноста.

4. Ако детето танцува уште од мало, сонува да стане балерина или брејк-денсер, или сака да се занимава со спорт повеќе од што било друго, јасно е дека кај него е развиена телесно-кинетичката интелигенција.

5. Детето ги користи своите ментални способности за координација на движења, а дополнително можете да го поттикнете неговиот развој преку играње драмски улоги, запишување на часови по танцување или спорт кон кој покажува најголем афинитет.

6. Музичката интелигенција многу лесно можете да ја препознаете кај деца што се надарени за пеење или свирење, кои тропаат со нозете или рацете создавајќи одреден ритам, или постојано нешто мрморат потсвирнувајќи или потпевнувајќи. Дополнително ќе ги стимулирате преку запишување во музичко училиште и посетување концерти кои се соодветни на неговата возраст.

7. Ако детето сака да престојува во природа, собира лисја, желади и плодови, сака времето да го поминува со куќното милениче или помага во градината, кај него е развиена натуралистичката интелигенција.

Дополнително можете да ја поттикнувате со чести кампувања, долги прошетки во текот на викендите, посети на стационари за животни, работа во градината, па дури и со планинарење на места што се прифатливи за деца.

8. Меѓутоа, освен овие видови интелигенција кои покажуваат склоност кон одредени практични вештини и способности, еднакво се важни и оние вештини што ги развиваме во допир со другите луѓе и со себеси. Затоа е важно да се развиваат и интерперсоналната и интраперсоналната интелигенција.
Интерперсоналната интелигенција можете да ја развивате со организирање социјални игри во својот дом со пријателите на детето или со посети на детските социјални дружења, додека за развивање на интраперсоналната, важно е на детето да му обезбедите простор да биде само со себе. Така ќе стане посвесно за себе и за своите доблести, своите желби и планови.

9. Во последните неколку години се зборува и за егзистенцијалистичката/духовна интелигенција, која се однесува на медитации, размислување за смислата на животот и истражување на верата.
Тоа кај вашето дете ќе можете да го забележите дури во тинејџерската доба затоа што до својата 12. година децата не можат да размислуваат на такво апстрактно ниво. Тогаш е пожелно да ги упатите кон книги за филозофијата, љубовта и кон сè друго што ги интересира, а со нив можете да го споделите и своето мислење.

 



912

X