Две американски истражувачки групи објавија дека откриле речиси 300 случаи на алармантен несакан ефект од Ковид-19 кај децата, состојба наречена „воспалителен синдром што напаѓа повеќе системи“ или MIS-C (Multisystem inflammation syndrome).

Додека истражувачите претходно известуваа за состојбата, истражувачките трудови го означуваат првиот обид да се измери колку често се појавува овој несакан ефект и како влијае врз децата што го развиваат.

Истражувањата објавени во „Њу Ингланд џурнал од медисин“ опишуваат деца што развиле сериозна состојба што влијаела врз повеќе системи на органи откако имале Ковид-19, понекогаш помеѓу две и четири недели по инфекцијата. Повеќето деца претходно биле здрави.

Во едно од истражувањата, предводени од истражувачи од детската болница во Бостон, 80 отсто од децата што развиле ваква состојба имале потреба од интензивна нега, 20 отсто имале потреба од механичка вентилација и четири деца, односно 2 отсто, починале. Во второто истражување, од истражувачи од Њујорк, сличен процент од 99 деца што развиле ваков синдром имале потреба од интензивна нега, а две деца починале. И во двете истражувања многу деца развиле кардиоваскуларни проблеми и проблеми со згрутчување на крвта, а многу имале гастроинтестинални симптоми. Голем процент имале и исип на кожата.

Маниш Пател од Центарот за контрола на болести и тим за превенција од Ковид-19 вели дека пораката до родителите е дека треба да забележат појава на треска и исип кај деца што неодамна имале Ковид-19.

– Родителите треба да бидат будни и да внимаваат – изјави Пател.

Генерално, децата што биле во контакт со лице заболено со Ковид-19 поретко се заразуваат од возрасните и имаат поблаг тек на болеста. Но, кон крајот на април лекарите во Лондон го алармираа светот за можноста некои деца што имале Ковид-19 да развијат нешто што личи на синдромот Квасаки, воспалителна состојба што може да го нападне срцето. Овој синдром најчесто се забележува кај деца под петгодишна возраст. Набргу потоа лекарите во Њујорк почнале да известуваат за вакви случаи.

Кон средината на мај Центарот за контрола на болести побара од лекарите низ целата земја да внимаваат на воспалителен синдром што напаѓа повеќе системи кај децата.

Речиси сите 300 случаи откриени во овие истражувања имаат сличност со  Кавасаки-синдромот, но постојат и разлики. Мал број од децата се на возраст под 5 години. Просечната возраст на децата во поголемото истражување беше 8 години. 42 отсто од децата во њујоршката група биле на возраст од 6 до 12 години.

Друга разлика: додека Кавасаки-синдромот непропорционално влијае врз децата од азиско потекло, случаите на воспалителниот синдром беа од сите расни и етнички средини.

– Меѓу нашите пациенти, 40 отсто беа од афроамериканско и 36 отсто беа од шпанско потекло. Ова може да биде одраз на добро документираната зголемена инциденца на инфекција на Ковид-19 кај афроамериканските и шпанските заедници – пишуваат истражувачите.

Извор



912

X