Иако некои држави се отвораат и ги олеснуваат мерките, многу родители се соочуваат со моменти во кои треба да ги известат своите деца дека некои активности не можат ги реализираат – овој пат бидејќи родителите не можат да си ги дозволат. Економската нестабилност поради пандемијата е раширена насекаде, а многу експерти сметаат дека ќе трае долго време. Повеќе од 20,5 милиони луѓе во САД ги изгубија своите работни места во април, а стапката на невработеност се искачила на 14,7 проценти.
Како психолог и автор на книги за родители, со место на живеење во Лос Анџелес, согледувам дека многу од моите клиенти се преплашени. Многумина работат во шоу-бизнисот и не знаат што ќе се случува во иднина, а родителите се обидуваат да ги скријат стравовите за финансиите, но очите и ушите на децата се остри. За целата оваа ситуација ќе бидат потребни тешки семејни разговори, за да им се помогне на децата да постават нови очекувања во овој нов свет. Разговорите ќе зависат од возраста на децата и нивниот темперамент, како и вашата нова економска ситуација. Но, секогаш треба да бидете искрени без да ги исплашите децата. Треба да бидете внимателни во однос на ветувањата што им ги давате. Предизвик е да се најде вистинскиот јазик и тон за искрено да се објасни ситуацијата, па еве неколку совети во таа насока.
Земете ги прво предвид вашата болка и грижа
Не потценувајте ја ситуацијата во која се наоѓате, како и психолошкото влијание поради економската неизвесност. Во нашата консумирачка економија вистински предизвик ќе биде да се распредели буџетот и да го издвоиме она што ни треба и она што го сакаме. Но, потешко е кога индивидуата ќе ја изгуби работата, а е главниот обезбедувач на средства во домот. Можно е да чувствувате комбинација од горчина, срам и грижа, но и губиток на идентитетот ако сте останале без работното место, или пак вашиот партнер. Препорачливо е да се приклучите во некоја група за поддршка, или да му се обратите на некој експерт за да ви помогне во текот на кризниот период.
Од каде да се почне
Убедете го детето дека имате доволно пари за да ги платите сметките и да купите храна, па ако е потребно, ќе ви помогнат од семејството и пријателите. Останете смирени и слушајте ги неговите прашања и зборувајте со детето за финансиската состојба.
Разговарајте за тешките теми
Ќе треба да земете предвид колку треба да споделите со детето, во зависност од возраста и неговата способност да апсорбира лоши вести. Дишете длабоко. Целта ви е смирен, стабилен и краток разговор. Внимавајте на тонот со кој се обраќате. Веќе сте ги научиле децата како треба да се приспособат на оваа состојба во однос на заштитните методи. Сега постепено учете ги да се приспособуваат и на економската ситуација и изменетата реалност. Ако децата од претшколска возраст добијат чувство дека губењето на работата е тајна, ќе проработи нивната фантазија. „Нешто лошо им се случува на возрасните, нешто лошо ќе ми се случи и мене!“ – оваа мисла може да надвладее и да создаде фрустрации и страв. Дозволете едноставните факти да бидат доминантни. Кажете им на децата дека не работите повеќе со истите луѓе на истото место и кажете им како ќе го искористувате вашето време сега. Поголемите деца ќе сакаат да знаат како губењето на работата ќе влијае врз нивните животи, па ќе поставуваат дури и драматични прашања. Но, вие објаснете им што ќе остане исто, а што ќе се промени и известете ги дека секогаш ќе споделувате информации со нив и ќе одговарате на нивните прашања.
Не претерувајте со подготовките. Бидете искрени и со вашите тинејџери и кажете им дека се обидувате да ги утврдите следните чекори. Нека ве изненадат и тие со свои предлози.
Исто така, важно е да им дозволите на децата да жалат. Очекувајте солзи, збунетост или лутина кај помладите, а ладнокрвност од постарите. Или, пак, обратно. Но, запомнете дека целиот тој процес ќе биде голем предизвик, па обидете се да го почитувате и разочарувањето на децата. Се разбира дека пандемијата не е ваша вина, но може да се случи децата да ве обвинуваат вас за одредени сегменти. Но, сфатете го тоа како добар знак. Значи дека ве слушнале и веруваат дека ги сфаќате и нивните чувства.
Одолејте ѝ на желбата да прикажете неосновани надежи
Искушувачки е да ја сопрете болката со брзо зборување, „продавање“ алтернативи или предвидувања. „Лоша година! А потоа сè ќе се врати во нормала!“, „Но, следното лето ќе одиш на камп 8 недели!“ и слични такви реченици. Можеби. Новата реалност е дека навистина не знаеме. Немојте да ги наведувате децата на такво размислување, за нешто што е неизвесно. Бидете искрени и ветете го само она што можете да го исполните. Можете да кажете: „Дури и ако кампот се отвори годинава, нема да можеме да платиме. Но, дефинитивно може да смислиме наш начин на кампување и авантура, со шатор во дворот и да спиеме таму“.
Автор: Венди Могел