Воспитување

Откако станав мајка, не се оптоварувам со овие работи

Од сите улоги што жените можат да ги играат во животот, мајчинството е една од најубавите, но и најпредизвикувачките. Сите мајки ќе се согласат дека мајчинството нè промени, нè обликуваше и нè научи многу. На пример, нè научи како да го одделиме важното од неважното, односно како помалку да се грижиме и да се оптоваруваме со работи кои навистина не се толку важни.

Во продолжение прочитајте ја забавната листа на една мајка, со која сигурно ќе се поистоветат многу мајки.

Пријатели кои не се пријатели

Некогаш се обидувавте да одржувате контакт со пријателите кои речиси никогаш не се јавувале и со оние што секогаш откажувале во последен момент. Но, сега сте попаметни и повеќе немате простор (ниту време!) во вашиот живот за оние што не заслужуваат да бидат ваши пријатели. Знаете дека квалитетот вреди многу повеќе од квантитетот!

Уреден дом во секое време

Уредувањето на вашиот дом кога имате деца изгледа како филмот „Денот без крај“. Без разлика колку време поминувате за средување на играчките или за собирање на сè што паднало на подот – вашиот дом ќе биде во иста состојба само неколку минути откако малечките повторно ќе ги отворат очите. Што е поентата? Наместо тоа, испијте шолја кафе.

Депилација

Понекогаш може да биде малку непријатно да признаете кога последен пат вашите нозе виделе жилет – но, што е важно тоа кога нема ништо што не можете да скриете под добри хулахопки, спортски панталони или фармерки.

Задоволување на другите луѓе цело време

Веќе не се грижите дали свекрвата ќе ви суди дали сте нарачале храна наместо да зготвите ручек, или дали вашиот партнер ви замерува што сте го „избркале од кревет“,затоа што детето е од оние што сакаат да спијат со мама и тато. Кога 90 отсто од вашиот живот е подреден на тоа да ги правите вашите деца среќни, едноставно нема простор да се грижите дали ќе им угодувате на другите луѓе, нонстоп.

Деца на други луѓе

Се сеќавате ли на оние денови кога вашиот крвен притисок се зголемуваше поради расплаканото дете во јавниот превоз или нечие разгалено и гласно дете во ресторан? Веќе не регистрирате вакви и слични работи. Премногу сте зафатени да се грижите за вашите деца и да држите сè под контрола за да забележите што прават другите околу вас.

Здрави оброци

Ќе направите сѐ што е во ваша моќ за да бидете сигурни дека вашите деца имаат правилна исхрана во вистинско време од добри причини: здравјето, но и искуството ве научило дека гладните деца значат огромен бес. Но, кога станува збор за вас, работите се малку поинакви. Немате време да подготвите ручек или да јадете ручек во пристојно време? Нема проблем, ќе ги јадете остатоците од детето или ќе јадете подоцна кога ќе имате време. Во кризни ситуации, секогаш има некои ситници што ги грицкате за да ви помогнат да издржите.

Вашиот роденден

Вашиот роденден е сè уште убав ден, но едноставно веќе не е толку голема работа. Не ви требаат големи прослави или големи подароци. Од друга страна, роденденот на вашето дете е настан на годината кој бара планирање и многу поголема причина да го прославите. Кој знаеше дека ќе бидете толку возбудени за балони, детски чинии и чаши и тематска торта?

Многу чиста облека

Вашиот куп алишта е доволно застрашувачки без да мора да се пресоблекувате секогаш кога ќе забележите мала дамка од бебешка повраќаница на вашата маица или чоколадни отпечатоци на вашите панталони. Брзи движења со влажни марамчиња и никој нема да забележи.

Страв од пропуштање

Кога немавте деца, веројатно се чувствувавте изоставени кога на социјалните мрежи гледавте мајтапења на вашите пријатели дека не сте вклучени или кога сте пропуштиле некој настан што ве интересира. Сега, не мора да се грижите за тие работи: претпочитате да се опуштите со добро кафе и да си легнете порано (ако имате среќа). Страв од пропуштање – збогум!

Автор: Ема Јуриќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top