Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Премногу сум строга со мојата 5-годишна ќерка. Имам и бебе од 10 месеци и во последно време поголемата почна да се лути дека бебето мора да спие неколку пати во денот (тоа ја нервира бидејќи бебето ми спие в раце, има проблем со желудочен рефлукс и морам да ја држам), постојано се труди да ја разбуди и јас пробувам да ѝ објаснам дека мора да спие. Кога ќе видам дека не ме слуша, почнувам да викам по неа, да ја навредувам (некогаш знам да кажам многу навредливи зборови) и свесна сум дека премногу ѝ викам. И потоа се каам и си велам дека е гревота, и таа е дете… Ама секој нејзин обид да не ме послуша, а тоа постојано го прави, за сѐ, на крај завршува со голема кавга. Инаку е многу паметно и интелигентно девојче. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Адаптацијата на новиот член во семејството за секој од вас е предизвик. Како што и вие сами кажавте, однесувањето на вашата ќерка со цел да го разбуди бебето е поради начинот на кој вие ѝ покажувате дека вам ви е тоа многу важно. Штом детето види дека на мама ѝ е нешто многу важно, тоа го разбира како поважно „од мене“.

На тој начин ви иницира емоции на лутина, со што ќе обезбеди емоционален баланс. Штом веќе ја знаете причината, тогаш направете и рефлексија на чувствата и однесувањето, а потоа понудете ѝ алтернативи на канализација на емоцијата или окупациони активности во кои ќе се чувствува добро, на пример: „Гледам дека те лути заспивањето на твојата сестричка и тоа е во ред, и мене би ме лутело кога некој прави нешто друго, а не она што јас го сакам, но ајде обиди се да броиш до десет, да направиш еден цртеж и штом бебето ќе заспие, ќе можеме да играме со пластелин.“

Со соодветен начин на комуникација ќе се обидете да го контролирате критичкиот глас во вас, кој воедно прави да се чувствувате како строга мајка.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X