Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две деца – ќерка од 4 години и 9 месеци и син од 1 година и 10 месеци. Пред да се породам со синот ќерка ми беше супер и многу се разбравме, навреме легнуваше за попладневна дремка, но откако се породив, сè се смени. Сега тешко се разбираме, за сè се лути, сè му граба од раце на братчето, сè прво мора таа да види, не преспива преку ден, па приквечер е нервозна, вика, плаче за сè и сешто и тешко заспива навечер. Се трудам да останам смирена, но некогаш губам контрола и викам. Ве молам да ми дадете насоки како да ја потсмирам, да можеме да разговараме, да не е толку бесна.

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Доаѓањето на ново дете носи промена во целото семејство, но најмногу влијае врз постарото првородено дете. Уште пред да се роди новороденчето, децата треба да се подготват за нивната нова улога на постаро братче или сестриче. Понекогаш и со најдобрите подготовки има тешкотии. Не е невообичаено постарото дете да покажува љубомора иако сите се трудат да се избегне. Бидете трпеливи, ќе помине, иако не толку брзо како што вие би сакале. Со доаѓањето на новиот член во семејството постарите деца може да реагираат со враќање на некои стари навики што веќе ги имаат надминато. Ваквите однесувања се минливи и нема причина за преголема загриженост.

Дозволете ѝ на вашата ќерка да биде како бебе, да го има вашето внимание и нежно насочувајте ја кон повторното нејзино осамостојување. Немојте да западнете во замка и да очекувате дека вашата ќерка е сега постаро дете и треба да биде посамостојна, напротив, се случува спротивното, таа бара повеќе внимание и се бунтува. Почнете да ја пофалувате и охрабрувате во работите што успешно ги прави и ви се допаѓаат, а тие што би сакале да престанат, обидете се да ги игнорирате сè додека не се опасни за никого. Можете да вклучите и други членови од поширокото ваше семејство да ви помогнат да бидат со синчето, а вие повеќе време да поминувате со вашата ќерка и да ги вратите старите навики. Секако, ви напоменувам дека околу петтата година децата го губат интересот за попладневно спиење и сакаат да имаат интересни активности.

Наташа Маџевска

Најважно е да бидете трпеливи, да имате предвид како таа ја доживува стварноста околу себе, да ги уважите нејзините чувства поврзани за нејзиното братче (нејзиното лутење бидејќи сте биле повеќе време со него, барањето да бидете повеќе со неа, а не со бебето и колку таа го сака нејзиното братче). Прифатете го и вашиот сопствен процес на приспособување и следете ги и вашите потреби. Немојте да бидете престроги кон себе, ниту кон децата. Потрудете се да го намалите бројот на стресови што ја следат вашата животна промена и вооружете се со трпение, поддршка од другите членови на вашето пошироко семејство, вклучете и ваши блиски пријатели и уживајте во вашето зголемено семејство, давајќи ѝ многу љубов и внимание на вашата ќерка.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

 

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X