Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќеркичка која наполни 4 години, а пред 2 месеца се породив и сѐ беше во ред до пред една недела. Ќеркичката многу добро го прифати бебето, го сака, го гали, го бакнува, дури и премногу, па ние ја опоменувавме секојпат да внимава да не го повреди, да си ги мие рацете пред да го допре и ред други работи заради безбедност на бебето, а таа се повлекуваше и не реагираше дека сме ја повредиле.
Но пред една недела ни дојдоа гости, мајка со мало дете, една година постаро од ќерка ми. Си играа добро, ќерка ми е мирна, сталожена, но девојчето беше малку побунтовнички настроено, па се скараа за една играчка и тогаш ќерка ми поврати од многу плачење и само викаше „мамо, мамо, сокче, биди до мене, те молам мамичке…“ Некако се смиривме и пак си играа. Само да напоменам дека ќерка ми до пред два месеца беше центар на внимание на сите нас, сите ја бодревме, сите ѝ велевме браво… Но откако се породив, бидејќи ја дојам малата, не можам да ѝ посветам големо внимание.
Последната недела почна многу да плаче, да вика на цел глас „сокчее, сокчее, не сакам да повратам…“ дури и неповрзани работи ни зборува. Почна да плаче и кога ќе ѝ понудам да јаде пак почнува истото да го прави, се натажува, а потоа плаче. Добив совети дека тоа е поради мене, затоа што сум породена со царски, па не смеев да ја носам в раце, а таа беше секогаш кај мене. Додека бев бремена, ѝ ветував дека откако ќе се породам, сѐ ќе биде исто, дека пак ќе ја носам в раце, дека пак ќе лежи во мојот скут, но испадна дека не можам. Секој ден ми го поставуваше истото прашање: Можеш ли да ме кренеш сега, мамо? А одговорот секогаш беше не.
Дома сите сме избезумени, не е типично за неа ова однесување, таа е премногу добра и паметна, но и многу емотивна. Ве молам да ни дадете некој одговор како да ја пребродиме оваа ситуација.

ОДГОВОР: Дури и децата што најмногу се радуваат на новиот член во семејството можат да имаат тешкотии при приспособувањето на новата ситуација. Доаѓањето на новиот член носи промена за целото семејство, а најголемо влијание има врз постарото дете. Децата треба да се подготвуваат за новиот член уште во текот на бременоста на мајката. Но и покрај најдобрите подготовки, понекогаш не поминува без тешкотии. Постарите деца покажуваат љубомора на новиот член иако сите се трудат тоа да се избегне. Со доаѓањето на новиот член постарото дете може да направи регрес на некои однесувања што веќе ги надминало. Тоа се случило и со вашата ќерка.

Со однесувањето таа само бара да го има целото внимание што го имала пред раѓањето на бебето. Овие однесувања обично се минливи. Како родители, не давајте им големо значење, туку дозволете ѝ на вашата ќерка да биде малку бебушкаста бидејќи тоа ѝ е потребно, истовремено нежно насочувајте ја кон нејзино осамостојување. Немојте да имате очекувања дека таа сега е постаро дете и треба да биде посамостојна, бидејќи се случува спротивното. Не очекувајте таа да ве разбере вас, трудете се вие да ги разберете нејзините потреби, охрабрувајте ја за убавите однесувања и постапки и пред неа не зборувајте какво дете била пред раѓањето на вашето второ дете. Настојувајте да ѝ покажете колку ви е важна вашата ќеркичка и изразувањето на љубов кон неа никогаш не е многу. Насочувајте го вниманието на убавите и позитивни работи што таа ги прави во текот на денот, како и препознавање и признавање на емоциите што се појавуваат и постојано охрабрувајте ја. Пример: Денес беше тажна, но те расположи прошетката со… Јас гледам и слушам дека си тажна, што би можело да те расположи? Колку се радувам кога се смееш гласно.
Во овој период вашиот партнер треба да ја преземе најважната улога и да ѝ го олесни времето одвоено од вас. Не споредувајте ја со други деца. Секое дете е различно и вредно само за себе.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X