Во Аризона една верзија од филмот „Сам дома“ всушност и се случила, но во значително полоши околности. Имено, дете било оставено само дома намерно и тоа многу подолго време. Родителите се уапсени поради обвинение за злоупотреба на дете откако локалните власти откриле дека нивниот 11-годишен син е оставен сам дома во текот на празниците, пишува Ен-би-си.
Според известувањето од шерифот на округот Кочиз, 34-годишната мајка и 40-годишниот татко се уапсени по три точки во обвинението за злоупотреба на деца кога конечно се вратиле дома на 29 декември, повеќе од 5 недели откако го оставиле синот сам дома.
Непознат човек го пријавил случајот на властите
Замениците на шерифот се замолени да извршат проверка во семејната куќа. Според соопштението за јавноста, лицето кое се јавило предупредило на можноста дека малолетно дете е оставено само на неутврдено време. По проверката, замениците воспоставиле контакт со 11-годишното дете кое живеело во куќата. Според полицијата, момчето открило дека неговата мајка го напуштила домот непосредно пред Денот на благодарноста и дека неговиот татко се упатил по неа набрзо по празникот, оставајќи го детето само. „Детето останало само додека не е воспоставен контакт со заменикот на шерифот“, стои во соопштението. „Детето назначило дека му е достапна смрзната храна и дека не одело на училиште најмалку две недели“.
Се обиделе да ги контактираат родителите, но неуспешно

Обидите на локалните власти да ги контактираат родителите на детето и други членови на семејството биле неуспешни. Поради тоа, детето е предадено на служба за заштита на деца. Властите не откриле каде отишле родителите, ниту зошто заминале од дома без синот. Кога се вратиле дома, биле уапсени и обвинети за занемарување на детето. Иако законот во Аризона не одредува возраст на која детето може да биде оставено само, Одделот за безбедност на деца од Аризона истражува известување за занемарување, вклучувајќи пропуст на родителите или старателите да обезбедат надзор, со што детето всушност се доведува во неразумен ризик од повреда. Не се познати деталите околу случајот, ниту дали двојката има обезбедено правни застапници.
Автор: Том Стело