Медицинската сестра Кејт Вејд од Мелбурн, која работи како едукатор за бабици, ги открила „тајните знаци“, односно говорот на телото со кој бебето испраќа порака дека е гладно, односно најадено, а кога би сакало да си игра.

Истакнувајќи дека секое бебе е различно, таа тврди дека повеќето бебиња ги користат следните знаци.

„Студиите покажале дека кога новороденчето е гладно, тоа ги стиска своите рачиња во тупаница. Како што напредува хранењето, рачињата полека ќе се опуштаат и ќе се отвораат. Тоа значи дека име доволно храна и дека е сито“, тврди таа.

Иако повеќето родители сметаат дека плачот на бебето е единствениот начин да ги каже своите потреби, таа ги поттикнува родителите од првите денови да го набљудуваат однесувањето на своето дете. Така некои бебиња ќе покажат дека се гладни со нагло будење или така што ќе мавтаат со рачињата и нозете.

„Отворањето на устата и вртењето со главата од една на друга страна, како да бара да цица, исто така е индикатор дека бебето е гладно“.

И додека стискањето на раката во тупаница е еден од показателите дека бебето е гладно, Кејт предлага родителите да обрнат внимание на звукот што го создаваат бебињата додека цицаат – кога ќе престане да го прави тој звук, тоа значи дека е најадена. Откако ќе заврши хранењето, бебето можеби ќе биде расположено за игра, а тоа ќе го покаже така што ќе има опуштени движења и ќе ги пружа рацете кон родителите. Знакот дека сака да си игра ќе го покаже и со одржување контакт со очите со родителите, како и со непрекинати, релаксирани движења.

Говорот на телото кој порачува дека на бебето му се спие на сите им е познат – проѕевањето е показател дека детето е изморено и му се спие. Исто така, губењето интерес за игра или друга активност може да биде знак дека следува спиењето.

„Муртењето и извивањето на грбот наназад се уште некои можни знаци дека на вашето бебе му се спие“, заклучува Кејт.



912

X