Драги читателчиња,
Сигурно и самите сте ја почувствувале неизвесноста и тоа кога од петни жили се обидувате да останете воздржани до следното ниво од видеоиграта што ја играте зашто веќе сте си го искористиле дневниот лимит предвиден за играњето… Или следната епизода од омилениот цртан филм, серија и сл. што ги емитуваат само во одреден ден од неделата на телевизија…
Е, па, токму затоа, си дадов себеси една многу тешка задача – да го предизвикам вашето трпение до следниот текст, поврзан за романот со кој сакам да ве запознам. А за уживањето да биде обострано, не брзав да го дочитам романот, па се чини нашите исчекувачки мисли ќе се сретнат во втората епизода од „Островот на сините делфини“ од Скот О’Дел. Ха, дури и насловот е доволно провокативен за да цупкаме со нозете, да крцкаме прсти (инаку, многу лоша навика!), да нè обземат претпоставки за текот на приказната итн., итн…
А приказната почнува вака…
„Нашиот остров е долг две лиги и широк една лига, и ако застанете на еден од ридовите што се издигаат насреде островот, ќе помислите дека личи на риба – како делфин кој лежи настрана, со опашката кон изгревот и носот кон залезот, а перките прават гребени и карпести рабови покрај брегот. Дали некој навистина стоел на ниските ридови во времето кога земјата била нова, и поради формата го нарекол Островот на сините делфини, не знам. Во нашите води живеат многу делфини и можеби островот е наречен по нив…“
Ова го раскажува девојката чие тајно име (што ѝ го дава авторот, но не е тајно поради тоа, туку поради верувањата на домородните луѓе дека тајното име е за потесна употреба, зашто во себе носи извесна судбинска моќ) е Карана, а инаку историјата ја памети како Хуана Марија. Романот, всушност, ја зајмува темата од вистинска приказна за таканаречената „Самотна жена на островот Сан Николас“, од малобројното племе Николењо во Тихиот Океан. Како оваа жена станала славна и инспиративна за книжевноста, е дел од заплетот во приказната што се навестува од самиот почеток во романот и што ќе ви го премолчам зашто инаку ќе исчезне магијата. Во овој момент важно е да знаете дека станува збор за нешто непоимливо страшно, нешто што ни се чинело дека го има само во фантазијата.
Можете да си претпоставите каков би можел да биде животот на една избројана група домородно племе, на остров непознат за голем дел од светот во тоа време (19 век). Во селото на Карана, Галас-ат, се живеело еднолично. Деновите ги сметале според изгревите и заоѓањата, според пролетта и зимата. Жените се грижеле за „огништето“, а мажите за трпезата. И тоа било строго одредено.
Единствен немир им било доаѓањето на непожелните Алеути… Кои биле тие, што сакале и како завршила нивната последна посведочена посета, ќе дознаеме во втората епизода.
Напомена 1 (за децата): Ако сте го гледале цртаниот филм „Покахонтас“ повеќе од еднаш, тогаш сигурно ќе ви се допадне и овој роман зашто во него ќе најдете многу сличности. А можно е да препознаете по нешто и кај анимираниот филм со извонредна музика „Моана“.
Напомена 2 (за родителите): Романот би им бил примамлив и разбирлив на деца-читатели над 9-годишна возраст. Со оглед на тоа што инспирацијата произлегува од вистински историски настани и обработува тема за култури што од наша перспектива се егзотични и далечни, овој роман би бил и корисно четиво за проширување на знаењата за историските текови, за колонизацијата, за племенскиот живот… за еволуирањето на животот. А, ако се прашувате како би го мотивирале детето да посегне по оваа книга, би ви сугерирала да отворите дискусија на тема: Дали некогаш си се замислил/а дека живееш на пуст остров и дали имаш претстава како би изгледало тоа?
Продолжува…
912