Воспитување

Особини што ги развиваат децата по разводот на родителите

Разводот на родителите никогаш не е лесен за децата, дури и кога потоа остануваат во пријателски односи. Едноставно, тоа што веќе не живеат сите под ист покрив остава влијание врз децата, а подоцна и врз нивните љубовни врски, чувство на стабилност и слично. Од друга страна, некои деца стануваат поотпорни и понезависни како резултат на разводот на нивните родители, па и во овој случај не е сè баш црно или бело.

Генерално, децата на разведени родители најчесто развиваат некои од следниве особини, но тоа не е нужно правило:

Тие се многу независни

Децата на разведени родители генерално рано учат дека не можат секогаш да се потпираат на другите и на тој начин стануваат многу независни. Тоа може да биде нивна предност и да им помогне во различни животни ситуации, но можат да пораснат и во луѓе кои не знаат како да побараат помош дури и кога им е најпотребна.

Не сакаат промени

Можеби мислите дека децата на разведените родители рано би научиле да се справуваат со промените, но кај некои се случува спротивното, па се плашат и од најмалите промени и ги избегнуваат сите ризици.

Премногу се потпираат на себеси во врските

Кога децата растат гледајќи како се распаѓа врската или бракот на родителите, некои од нив заклучуваат дека потпирањето на некого е опасно бидејќи може да доведе до разочарување. Така стануваат луѓе кои не сакаат некој да им биде потребен бидејќи длабоко во себе се плашат да не бидат изневерени.

Го одржуваат мирот, дури и кога не треба

Кога децата се сведоци како нивните родители се расправаат или, можеби уште полошо, кога забележуваат дека мајката и таткото се игнорираат, некои од нив учат дека конфликтот е опасен. Поради ова, некои деца на разведени родители растат како луѓе кои сакаат да одржуваат мир и да избегнуваат какви било расправии по секоја цена, што не е секогаш добро бидејќи потиснуваат некои свои чувства или потреби.

Можат да читаат меѓу редови

По разводот на родителите, децата стануваат свесни за напнатоста, дури и кога никој ништо не кажува гласно, туку тие едноставно можат да почувствуваат дека нешто „чкрипи“. Децата на разведени родители често растат како луѓе кои можат да прочитаат и најмала промена во тонот на гласот, јазикот на телото, неискажаните емоции…

Се плашат да не бидат напуштени

Разводот е голема загуба за децата, па кај некои остава страв дека повторно ќе им се случи. Дури и кога ќе пораснат и кога ќе бидат во среќни и стабилни врски, некои од нив потајно имаат страв дека нивниот партнер наеднаш може да исчезне од нивните животи.

Се прашуваат дали љубовта може да трае

Врската меѓу родителите треба да биде првиот пример за вистинска љубов кон децата, а кога не трае, некои деца растат со сомневање дали воопшто постои вистинска љубов. Можеби нема да го кажат тоа гласно, но во многу животни ситуации ќе се запрашаат дали љубовта навистина може да опстане, дали трае или секоја врска мора да се распадне и да заврши.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top